Германија ќе ја поттикне продажбата на ЕВ, фабрики ќе произведуваат воена опрема

Електрична Г-Класа летоска имаше премиера во салонот на Мак Аутостар

Коалицискиот договор меѓу германските конзервативци и социјал демократите, во којшто имаше увид Ројтерс, предвидува мерки со коишто ќе се поттикне купувањето електрични автомобили.

Партнерите во коалицијата планираат да воведат субвенции за електричните автомобили да им станат подостапни на купувачите, вклучувајќи ги приклучните хибриди и возилата со продолжен досег, односно со генератор. Се враќаат и даночните повластици за службени автомобили, како и ослободувањето од данок на возило за електрични автомобили, со важност до 2035 година.

Новата влада во Берлин ќе ја провери и можноста за автомобилските фабрики што се недоволно искористени или се во опасност од затворање, да се пренаменат во фабрики што ќе ги користи воената индустрија. Секторот одбрана во цела Европа има потреба да ги зголеми производствените капацитети и да го засили производството, откако САД ја повлекоа поддршката.

„Одбранбената индустрија мора да се развие многу брзо“, стои во документот.

Рајнметал, најголемиот производител на муниција во Европа, проверува можност да ја преземе фабриката на Фолксваген во Оснабрик, за таму да произведува воена опрема.

Во фабриката наскоро престанува производството на Фолксваген Т-Рок Кабриолет, Порше Кајман и Порше Бокстер. Концернот во декември соопшти дека бара алтернативни сценарија за иднината на фабриката.

Владата исто така „активно ќе се заложи“ да се избегнат казните за пречекорување на емисијата на штетни материи, стои понатаму во документот.

Со поддршка на Германија, ЕУ претходно ги олабави строгите планови за смалување на емисијата, кога автомобилските производители се пожалија дека со високите казни што ќе мора да ги плаќаат, ќе потрошат вредни пари што им се неопходни за да продолжат со електрификацијата.

Се спомнува и поддршка за станици за точење водород за идните товарни возила со погон на водород.

Мерките што ги предлагаат новите германски власти за поддршка на електромобилноста:

  • Даночно повластување за службени возила, преку поместување на ценовната граница на електрични возила на 100.000 евра
  • Ослободување на електричните возила од плаќање годишен данок на возило до 2035 година
  • Субвенции за електрични возила
  • Програма за домаќинства со мали и средни примања, со средства од социјалните фондови на ЕУ, со цел да се потпомогне преоѓањето кон мобилност што не ѝ наштетува на животната средина.
  • Субвенција за возила со приклучен хибриден погон и електрични возила со продолжен досег (генератор) и соодветна регулатива на европско ниво.
  • Забрзана изградба и обезбедување финансии за изградба на широка мрежа од станици за полнење, со брзи полначи, за патнички и товарни возила, како и помош за станици за полнење во депоата на фирмите.
  • Ослободување на товарните возила со нулта емисија од патарина, по 2026 година.
  • Субвенционирање на мрежа од станици за точење водород за товарни возила.

Видеото од тестот на Донгфенг Нами Бокс

Претходна објаваВолво ќе го зголеми производството во САД, по царините од 125% за Кина
Следна објаваБез минусот во Кина, БМВ ќе имаше раст во продажбата во првиот квартал

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here