Германија со скапото осигурување ја отежнува продажбата на кинеските автомобили

МГ не го заменува само оштетениот дел при судир, туку честопати мора да замени цела група делови, што ја поскапува поправката, а со тоа и осигурувањето

Автомобилското каско осигурување за кинески модели е поскапо во споредба со моделите од европските производители. Тоа е проблем со којшто се соочуваат сите нови марки на пазарот.

Би Уај Ди Сил е батериски електричен автомобил што почна да се продава во Европа во 2023 година. Бидејќи во Европа е мало искуството со оваа марка и овој модел, осигурителните премии се значително повисоки во споредба со премијата на европските модели од ист ранг.

Осигурителните премии за кинеските марки во Германија и во бројни европски држави се значително над истите за споредливите модели од европските производители. Тоа е голем проблем за увозниците и нивните дилери.

Главната причина за високите осигурителни премии за кинеските модели во Германија е малото искуство на осигурителните компании со новите марки.

Кога не располагаат со историски податоци за претходни штети или кражби, осигурителите одат на сигурна карта и наплаќаат висока премија, за својот ризик да го сведат на најмала можна мера. Поради тоа, осигурениците мораат да посегнат подлабоко во својот џеб.

До 225 проценти поскапо

Гласникот на германската автомобилска индустрија Аутомобилвохе наведува пример. За електричниот модел од средната класа Би Уај Ди Сил, што ѝ е познат на германската сцена, при цена на ново возило од 46.490 евра, доаѓа просечна премија за целосно каско на годишно ниво во висина од 2.536 евра. За многу поскапиот БМВ и Икс 3, со цена на ново од 67.750 евра, каско осигурувањето чини 1.870 евра за година.

Уште поголема е разликата со Фолксваген ИД.4. Иако автомобилот со цената од 53.690 евра е поскап од Сил, осигурителите за него бараат за полно каско само 1.125 евра. Со тоа, осигурувањето на кинескиот модел е поскапо за дури 225 проценти.

Недостига историја за кинеските увозници

Осигурувањето во Германија во минатата година поскапело значително за сите возила, со што е поднамалена разликата со кинеските модели. Но, тоа не смени многу.

Поделбата на возилата по типски класи, за коишто потоа се одредува различна осигурителна премија, се врши врз основа на реални процени на штета, било да е судир или кражба, коишто досегаат со години наназад. Овие податоци недостигаат за кинеските производители.

Покрај тоа, кинеските новодојденци обично немаат развиена трговска и сервисна мрежа, а честопати има пропусти и во снабдувањето со резервни делови, наведуваат германски осигурители.

Влијае и тоа што кинеските производители во Европа не располагаат со сопствени структури за финансирање (банка, лизинг, осигурување). Поради тоа се полоши условите за финансирање, лизинг и осигурување, во споредба со европските производители.

Увозниците тврдат дека кинеските автомобили имаат пониски трошоци

Увозниците на кинески автомобили се сложуваат дека високото осигурување е проблем, но тие засега можат да укажат дека вкупните трошоци за кинеските автомобили се пониски во споредба со европските. Покрај цените на возилата, пониски се и цените за одржување и работните тошоци.

МГ не го заменува само оштетениот дел, туку цел комплет

Дополнителен проблем е тоа што кај МГ, на пример, при штета мора да се сменат цели конструкциски групи, место да се смени само оштетениот дел. Аутомобилвохе цитира менаџер на МГ: „За голем број од нашите возила во моментов нема комплети за поправка, на пример, за светла или за кабли. Поради тоа, честопати мораме да смениме цели конструкциски групи, што ги качува трошоците за поправка, а со тоа и класата на осигурувањето“.

Експертите ги советуваат увозниците на кинески автомобили во Германија да организираат сопствен систем за финансирање, вклучувајќи осигурување, што ќе помогне да се смалат осигурителните премии, меѓутоа промената секако нема да се случи брзо.

Претходна објаваКанада вложува 25 милиони долари во полначи за електрични автомобили
Следна објаваИдниот Мерцедес ВЛС тргна за Пебл Бич со екран од 65 инчи, 42 звучници и 7 проектори

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here