Покрај субвенцијата во висина од 4.000 евра при купување електричен автомобил, Германија нуди дополнителна погодност кога службени автомобили со погон на струја се користат и за приватни цели. Околу една третина од вкупниот број нови автомобили во земјата се регистрираат како службени возила
Доколку службениот електричен автомобил го користат и за приватни цели, германските службеници во иднина ќе плаќаат за половина понизок данок за приватно користење на службен автомобил отколку досега. Владата на канцеларката Меркел издвои неколку милијарди евра за оваа мерка, којашто треба да даде дополнителен поттик за електричните автомобили во земјата.
На работниците кои своето службено електрично возило го користат и како приватно возило, како даночна основа повеќе нема да им се пресметува еден процент од вредноста на возилото на ново, туку само половина процент. Новата одредба ќе важи за електрични и плагин-хибридни автомобили, купени или земени на лизинг меѓу јануари 2019 и декември 2021 година.
Германија си постави цел за еден милион електрични автомобили во земјата до 2020 година: Моментно 44% од новорегистрираните службени автомобили се на струја
Германското здружение на производители на автомобили цени дека даночното повластување за електричните службени возила дава одличен придонес за поттикнувањето на електромобилноста во земјата. Оттаму наведуваат дека и временската рамка е поставена правилно, затоа што токму во следните две години на пазарот ќе следува голем наплив од нови модели со погон на струја.
Според педантните германски статистики, службените автомобили учествуваат со 44 проценти во вкупниот број на новорегистрирани патнички автомобили со електричен погон во земјата, односно со 32 проценти во вкупниот број нови возила. Околу две третини од сите службени возила во Германија се од компакт и средната класа.

















