Кога ќе ја видите долгата лимузина во небесно сина металик боја во салонот на Донгфенг, веројатно нема да запрете пред неа, туку ќе продолжите кон познатите модели, веројатно кон Т5 Ево или Еолус Мејџ и Хјуџ. Човек прво ќе помисли дека тоа е модел на Фортинг за одмерување на силите со Нио, Шаопенг и слични електро-гиганти од Кина, со цена што е луксуз. Но, љубопитноста пак ќе ве наведе кон неа. До изненадувањето, ќе мине уште малку време.
Автомобилските познавачи ја имаат совладано вештината да насетат од изгледот дали некој автомобил е скап, да препознаат дека некој автомобил е изработен евтино, и посебно, да ги воочат сличностите со некои звучни имиња на сцената. Фортинг С7 оддалеку ќе ве убеди дека тоа мора да е некој престижен модел на кинескиот производител, што е дел од Донгфенг Мотор, и којшто е осмислен со цел да го полира имиџот на марката, да им ја охрабри продажбата на другите модели во понудата на марката.
Дури и кога ќе почне да се загледува во детали, претставата не се менува, некаде потсвесно се јавуваат околу педесет, шеесет илјади евра. Светлата се изработени со трипати повеќе детали и елементи отколку кај европските производители, рачките на вратите се впуштени и излегуваат сами со помош на електрика, точката во којашто се вкрстуваат четири линии, од вратата на багажникот, од триаглестото задно стакло, сé е вклпено совршено, исто и мат хромот на рамката околу прозорците, ништо не укажува дека овој автомобил би чинел помалку од првичната помисла.
Љупобитноста понатаму води на возачкото седиште. Кожа насекаде, што вистина е вештачка, но технолошкиот развој одамна нé научи дека тоа е светлосни години далеку од евтиниот скај од 80-те, понатаму големи дисплеи, електрика и вентилација на седиштата, се гледа дека ова навистина е луксузен автомобил. Вистина, толку плени автомобилов, што огромниот стаклен покрив, се забележува дури на крајот.
И, вистинското изненадување следи дури тогаш. На тотемот покрај Фортинг С7 стои цена од 34.900 евра. Секако дека тоа се многу пари, меѓутоа е двапати подалеку од претпоставената цена. За електрична лимузина од средна класа, што со просторноста сака повеќе да се спореди со виша класа, тоа сепак се околу десетина проценти разлика од еден Т5 Ево со ексклузивен ентериер и со пакет системи за асистенција.
Моќноста на електромоторот изнесува 154 киловати, што одговара на 210 КС, вртежниот момент достигнува 310 њутнметри. Производителот не претерал со батеријата, којашто со 54,8 киловатчасови постигнува досег до 420 километри според нормата ВЛТП. За споредба, електричната изведба на Пежо 3008 користи батерии со големина од 73 или 98 киловатчасови. Слично е кај Фолксваген ИД.7, „електричниот Пасат“. Тоа што Фортинг С7 постигнува пристоен досег и со овие близу 55 киловатчасови, се должи на исклучителната аеродинамичност.
Претходно, Еолус Шајн, најдостапната лимузина на македонскиот пазар, со ниската потрошувачка на тестот, докажа дека Кинезите добро владеат со законите на аеродинамичноста, така што не би требало да постои сомневање дека С7 навистина има коефициент на отпор под 0,20.
Во Кина е барана и моделската изведба со продолжувач на досег, односно со мал и штедлив 1,5-литарец, што по исцрпувањето на батеријата, работи како генератор и ја испраќа произведената електрична енергија кон батеријата, и понатаму до предната погонска оска. Според производителот, таа изведба постигнува 235 километри досег на струја, односно вкупно 1.250 километри кога ќе се разбуди генераторот.
Уште една причина за изненадувачката цена е батериската хемија, литиум железо фосфат, којашто е безмалку ексклузивитет на кинеските производители и поевтина е за изработка, но ништо не ѝ недостига. Тоа не го прави С7 побавен на полнач, напротив. При користење брз полнач, електричниот Фортинг полни со моќност до 120 киловати и за 25 минути се постигнува 80-процентна наполнетост. При обичен домашен полнач со 6,6 кВ, тоа трае 9 часови, колку што е воедно и времетраењето на евтината ноќна тарифа.
Одговараат и перформансите: 9,8 секунди и 200 километри на час, иако пречестото уверување во тие перформанси ќе го скуси досегот значително.
Пазарот веќе почна да реагира свесно на друг електричен модел на Донгфенг, на Нами Бокс, најдостапниот модел со погон на струја на домашната сцена, којшто повеќе личи за најексклузивен градски БЕВ. Фортинг има и Т5 Ево во електрична изведба, тоа е Фрајдеј, со цена од 42.900 евра, меѓутоа токму овој С7 е изненадувањето на годината. Можеби само по Еолус Мејџ. Се чека увозникот да се одоброволи да регистира С7 за тест. Да навиваме тоа да се случи во скоро време.















