Форд десетпати ги повикуваше возачите на хибридната Куга во сервис

Маки за купувачите на Форд Куга со хибриден погон. За шест години, тие десет пати мораа да посетуваат сервис за да се отстранат дефектите.

Ford Kuga III 2019 premiera

За возилата што се расипуваат, народот вели дека тие повеќе време минуваат во сервис отколку на улица. Тоа буквално важи за Форд Куга со приклучен хибриден погон.

Форд Куга во првите две генерации изгради име како издржлив и цврст СУВ од компакт класата, којшто излегува во сресрет на секојдневните потреби на неговите сопственички и сопственици. Во 2019 година следеше третата генерација, понудена со хибриден и со приклучен хибриден погон.

Намерата беше добра, затоа што помошта од електромоторот од една страна помага да се смали загадувањето, а од друга го поштедува и паричникот. Но, тоа за Форд Куга со приклучен хибриден погон важи само теориски.

Еден поглед назад открива колку пати сопствениците морале да ја оставаат својата Куга со приклучен хибриден погон во сервисна работилница, за да се отстранат откриените дефекти во погонот и во батериската техника. Неретко се случуваше обидите за нивно отстранување да завршат без успех. Во продолжение се сите сервисни повици што ги активирала будната германска агенција за моторен сообраќај во изминатите шест години за Куга ПХЕВ.

Лето 2020: Батеријата се прегрева, не полнете!

Драмата за сопствениците почна кусо откако беа испорачани првите примероци од Куга ПХЕВ. Во почетокот се чини дека проблемот не е голем. На 21-ви јули 2020 година, Агенцијата објавува дека е можно да се појавило оштетување на приклучок во батеријата. За да се спречи опасноста од прегревање на батеријата и нејзино запалување, сервисната работилница мора да ги провери приклучоците.

Кусо потоа, првите купувачи на Фордот почнуваат да се каат. Во август 2020, производителот пушта предупредување дека сопствениците не смеат да ја полнат батеријата, поради опасност од пожар. Проблемот сега е во тоа што високонапонската батерија или регулацијата на напонот испуштаат гасови, поради технички пропуст. Според Форд, овој редок случај може да влијае врз останатите делови и да предизвика пожар.

Декевмри 2020: Замена на високонапонската батерија

Нова мака за сопствениците што мораат повторно да го оставаат возилото во сервис, но и штета врз имиџот на Форд, поради сомнежите дека производителот воопшто е способен да ги отстрани дефектите. Прво се поставуваат заштитни плочи околу батеријата. Но, потоа Форд јавува дека тоа не е решението за проблемот: „Метални нечистотии во батериските ќелии се причина за проблемите.“ Следен чекор е целосна замена на батеријата на сметка на Форд. Во исто време се вчитува и нов софтвер.

Во октомври, Форд јавно им се извинува на возачите на Куга ПХЕВ во Германија, Австрија и Швајцарија. Замената стартува дури во декември. Грешките скапо го чинат Форд. Од една страна, батеријата е скапа, а од друга, возилото мора најмалку еден цел ден да остане на платформа во сервис. Покрај тоа, оштетените возачи добиваат заменско возило или бесплатен превоз. Форд во исто време им испраќа вредносен ваучер за гориво од 500 евра на сопствениците на Куга ПХЕВ, затоа што тие не можат да ја полнат батеријата. Трошокот за 4.672 погодени возила само во Германија достигна 2,3 милиони евра.

Форд Пума доби силна конуренција со новите Ситроен Ц3 Еркрос и Опел Фронтера

Февруари 2022: Повторно се заменува батеријата

По мирната 2021 година за сопствениците на Форд Куга ПХЕВ, се чини дека се надминати проблемите. Но, уште рано во следната година, на 11-ти февруари 2022 година, продолжува дебаклот. Агенцијата КБА повторно предупредува за грешката во производството, што може да предизвика прегревање и губиток на моќноста. Прво се заменува батеријата кај 27 возила во Германија. Но, поради погрешно заварување, во јули се повикуваат уште 255 сопственици. До летото 2022 година, околу 5.000 Форд Куга ПХЕВ добиле нова батерија. Во светски рамки, тоа се преку 30.000 возила.

Август 2022: Опасност од оштетување на моторот

Уште немаат мир купувачите на Форд. Во август 2022 година, Форд пушта аларм дека Куга – кај соседите Срби, куга е збор за чума – мора да се враќа во сервис. Овојпат е проблемот во моторот: 2,5-литарскиот бензинец може да се оштети поради дефект на лежиште на коленастото вратило. Тоа би значело оштетување на блокот и на картерот. Покрај тоа, истеченото масло се собира под поклопецот на моторот и може да предизвика пожар. Во Германија, преку 360.000 Куги се враќаат во сервис, во светот се преку 126.000 возила.

Дрска измама место отстранување на дефектот

Голема срамота избива откако се покажува дека Форд не го отстранува проблемот со дефектното лежиште на коленастото вратило, туку само врши измена во струењето на воздухот, за на тој начин да се подобри ладењето на моторот при возење и да се спушти температурата. Понатаму, во сервис се дупчи заштитната ламарина под моторот, за насобраното масло да истече.

Јули 2023: Електромоторот не се исклучува

Имајќи го предвид дрското постапување на Форд, не чуди што по една година следеше уште посериозен дефект и повторно враќање во сервис. Овојпат, проблемот не се однесува само на Куга ПХЕВ, туку и на изведбата со обичен хибриден погон, односно со истиот мотор. Проблемот ги погодува и Галакси и С-Макс со истиот погон. Форд сега тврди дека проблемот не бил во моторот, туку е од електромоторот, којшто наводно предизвикувал пукање на картерот, односно на блокот на моторот, поради тоа што не се исклучувал навремено. Форд се решава да го реши проблемот со протекувањето масло и опасноста од пожар со вчитување нов софтвер.

Август 2024: Софтверска грешка во хибридниот погон

Следи една година мир, но само до почетокот на август 2024. Форд открива „грешен софтвер во интерниот модул во хибридниот преносен механизам, за паркирање на возилото.“ Тоа може несакано да го префрли преносот во празен óд и возилото да си тргне. Агенцијата повторно пушта аларм. Во сервис се враќаат преку 13.600 возила во светот.

Кај некои возила помогна новиот софтвер. Но, пак се појавуваат возила, кај коишто мора да се повтори постапката во 2025 година, а тоа значи, враќање во сервис. Вкупно 266 возила.

Претходно, Форд Куга ПХЕВ во средината на 2025 година мораше уште еднаш да оди на сервис, заради менување на батеријата. Поради опасност од пожар, Форд ги алармираше сопствениците да не ја полнат батеријата.

Повторно опасност од пожар, и само предупредување за сопствениците

Форд пак се обидува да го реши проблемот преку нов софтвер. Тоа требало да помогне да се откријат евентуалните аномалии во батериските ќелии. При откривање такви аномалии, нормално, следи нова батерија. Во овој сервисен повик се опфатени 196.489 возила во светот. Дотогаш, бројни примероци од Кугата веќе добиле трета батерија.

Февруари 2026: Опасност од палење на батеријата

На 4-ти февруари, ново вознемирување на возачите на Форд: „Краток спој во високонапонската батерија може да предизвика палење на возилото, односно губиток на моќност.“ Тоа би значело дека Форд четврти пат ќе менува батерија во Куга ПХЕВ.

Возачите добиваат предупредување да не полнат над 80 проценти. Тие мора да внимаваат и да не возат во друг режим, освен во Авто-ЕВ. Форд во моментов не знае како да го реши проблемот.

Претходна објаваГерманија има 2 милиони електрични автомобили и 100.000 електрични камиони
Следна објаваФерари им исплати рекордни бонуси на вработените, 14.900 евра по човек

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here