Италијанскиот синдикат УСБ повика на масовен штрајк на вработените во Fiat поради стомилионскиот транфер на Роналдо во Јувентус. Планот доживеа тотално фијаско
Масовниот протест на когошто повика италијанскиот работнички синдикат УСБ во минатата недела беше главна вест и кај највлијателните светски медиуми. Протестот се организираше против скапиот трансфер на Кристијано Роналдо во Јувентус. Фудбалскиот клуб е под контрола на фамилијата Ањели, исто како и автомобилскиот гигант Fiat Chrysler.
Синдикатот реагираше за стоте милиони евра платени за трансферот на фудбалската ѕвезда од Реал Мадрид, во услови кога работниците во Fiat добиваат ниски плати и автомобилите на италијанскиот производител не се продаваат најдобро. Но, повикот на протест наиде на одѕив кај само петмина работници.
Во фабриката на Fiat во Мелфи ангажирани се околу 1.700 работници. Во овие погони на југот на Италија моментно се произведуваат кросоверите Fiat 500X и Jeep Renegade, како и Punto.
Од Fiat Chrysler коментираа дека протестот за скапиот трансфер завршил како целосен неуспех и дека истиот бил организиран од групи коишто не ги претставуваат вработените во компанијата.

















