Фиат подолго време е без модел што ќе се вмеша меѓу најпродаваните на македонскиот пазар, како што тоа беше во ерата на Пунто, Гранде Пунто, Пунто Ево, Браво и Брава, па ако се гледа историски, на сите лиценцни модели на Застава. Тоа ќе го смени новиот Фиат 600.
Фиат во изминативе години продолжи да постигнува големи нешта, но или го правеше тоа надвор од Европа, или во посебни сегменти што се далеку од мас-маркетот, од најширојкиот што е специјалност на најиталијанската од сите марки. Од сите 14 марки на Стелантис, Фиат со години наназад е најпродавана марка и му носи големи пари на концернот со владејачкото место во Бразил или Аргентина.
Друго што правеше Фиат во овие години беше исто така владејачкото место во Европа, меѓутоа не на мас-маркетот, туку на пазарот на електрични автомобили. Додека Берлин уште ги субвенционираше автомобилите на струја, Фиат Нуова 500, чисто електричната изведба на третото колено од Чинквеченто од 1950-те, во Германија се разграбуваше како топол леб од фурна.
Иако електричниот модел достоинствено беше изложуван во салонот на Аутомобиле СК во Скопје, сцената пропушти да го испочитува моделот, затоа што тукашните власти уште немаат слушнато дека браншата почнала да произведува електрични автомобили со полна употребливост, па и до ден денес отсуствуваат субвенции и сите други пропратни погодности.
Како и вообичаено, Фиат редовно го услужува македонскиот пазар со доставни возила, од Панда Ван до Дукато. Од патничката програма, Чинквеченто е евергрин и повеќе се избираше како трендовски модел, додека Типо им се обраќа на традиционалистите на коишто Фиат им значи.
Тоа што недостигаше е модел што ќе го раздвижи пазарот и ќе ја вознемири конкуренцијата. Ете го сега токму во таа улога, Фиат 600. Новакот извесно време ќе се продава паралелно со кросоверот Фиат 500 Икс, којшто е позициониран за половина скалило погоре, вклчучувајќи ја и цената.

Новиот Сеиченто треба да се гледа, не помалку од уште една револуција на Фиат на македонскиот пазар. Тоа е модел што припаѓа во Б-сегментот на СУВ-модели, што воедно е најпродаван во Европа. Во концернот Стелантис, тој си одговара со новиот Ситроен Ц3, со Пежо 2008, Опел Фронтера, Алфа Ромео Јуниор, Џип Авенџер.
Нагласокот кај Фиат 600 повеќе е ставен на противвредноста, отколку на предизвикот да се настапи со ударна цена. Понудата почнува со Фиат 600 Хибрид, со редовна цена од 23.500 евра. Тоа не е наједноставна погонска спрега, затоа што се работи за благ хибрид, со 48-волтен електромотор од 21 кВ што е вграден во автоматскиот 6-степен менувач со двојна спојка. Затоа важи дека „600“ оди на противредност. Обичен мотор без електрификација и мануелен менувач, во овој модел не се нуди.

Над основниот модел со 100 КС следи изведбата со 136 КС, со разлика од 700 евра во цената. Салонскиот примерок е токму во таа изведба, и Аутомобиле СК за неа одобрува попуст, со акциска цена од 22.500 евра.
Двете погонски варијанти може да се нарачаат и со луксузната опременост во нивото Ла Прима, со којашто Торино го прославува својот нов модел, и нуди изобилство опрема со ценовна предност, и стил.
Посебна улога има целосно електричната изведба, којашто со изгледот не отстапува од хибридниот модел. Во изведбата Ред, електричната 600 редовно чини 37.200 евра. Електромоторот располага со 115 кВ, односно 156 КС, досегот е околу 400 километри.
Идејата на проект менаџерите била да се создаде варијанта на 500 со пет врати. Тоа е реализирано маестрално. Секаде се забележува сличноста меѓу Нуова 500 – моделот што досега се нудеше само во електрична изведба, а наскоро и тој ќе се произведува со благ хибрид – и 600, од парот тркалезни светла напред, до женските облини со коишто завршува каросеријата назад. Тоа важи и за внатрешноста. Иако постојат сличности во стилот, Чинквеченто и Сеиченто не се копии што се разликуваат само во бројот на врати. Во поглед на дизајнот, Италијанците едноставно не умеат да погрешат.
Во смисол на проривредноста, опремата што стандардно се вградува во Фиат 600 содржи: Маунелен клима уред, сензор за дожд, темпомат, паркинг сензори назад, целосен пакет од системи за асистенција за безбедност и комфор, дигитални инструменти од 7 инчи, диодни светла, радио со дисплеј од 10 инчи.
Дополнителната опрема е спакувана во три разични пакети со цена од по 1.500 евра: Пакет Технологија, Пакет Комфор и Пакет Стил. Првиот од трите пакети доаѓа со потпирач за лакт напред, електрична паркирна сопирачка, приспособлив темпомат, безжичен полнач за телефон, автоматско долго светло, камера за знаци и навигација.
Фиат точно преку 600-та се обврза дека повеќе нема да произведува сиви автомобили. Тоа се гледа во салонот, посебно кај портокаловата боја на електричниот модел. Кај Ла Прима може да се избере покрив во црна боја.
Сеиченто-СУВ отвора ново поглавје на италијанската марка, односно ветува дека Фиат повторно ќе се вмешува редовно во македонскиот Топ 10 на најпродавани модели.
















