за

Каков избор на користено возило е Fiat 500

Управувањето и задните светла се единствените подрачја во коишто Fiat 500 нема проблеми. Затоа, ретро-моделот надоместува во сите останати подрачја.

Каков избор на користено возило е Fiat 500

Најмасовно произведуваниот автомобил на Fiat е ретро-модел што привлекува симпатии. Но, италијанското автомобилче за жал ги прокоцкува сите симпатии, затоа што уште во рани години почнува да прави проблеми.

Fiat 500 е омаж на легендарниот 500 и во исто време е доказ дека ретро-дизајнот може да биде успешен. Италијанците во последните години целосно му се посветија на малечкиот автомобил, заедно со неговите деривати 500L и 500X. Во техниката се сменија многу работи. Од 2010 година се нуди турбо-моторот TwinAir, кој е двоцилиндарец исто како моторот во Nuova 500 во своето време. Современиот мотор со зафатнина од само 875 cm3 постигнува моќност од 85 или 105 КС. Горниот праг на моќноста во гамата му припаѓа на Abarth 695 Biposto со 190 КС. Во почетокот на 2013 година имаше фејслифт, што се распознава најлесно по задните светла. Постарите модели вооошто не изгледаат застарено. Со освежувањето на моделот се подобри и квалитетот на 500.

Малечкиот Fiat вози на дизел, бензин, гас или струја. Благодарение на малата должина од само 3,55 метри, 500 лесно се движи низ град. Но, целата предност од малата должина пропаѓа во вода поради неверојатно големиот круг на вртење од 11,7 метри. На многу места на коишто и поголеми автомобии од него свртуваат од еднаш, Fiat 500 мора уште еднаш да се врати во рикверц и да се направи уште еден обид. Покрај малечките седишта и раскоканото подвозје, тешко дека може да станува збор за некаков комфор во возењето. Меѓу бројните слабости на Fiat 500 се вбројуваат и безчувствителното електрично сервоуправување, како и задната клупа на којашто недостига простор во сите правци.

Fiat 500 своевремено имаше интересно поглавје во германскиот магазин Ауто Билд. Италијанскиот ретромобил мина неславно на фамозниот супертест на 100.000 километри на „билдовци“. Заради љубопитност што се ќе доживеат понатаму, Fiat 500 остана во редакцијата. Тоа беше голема грешка. По кусо време откажаа моторот и алтернаторот, а по 207.000 километри мораше да се бара и нов менувач. На крајот се скршија и рачките на вратите.

Слаба точка се лежиштата на тркалата. Покрај тоа, моторот 1.4 често пропушта масло, додека 1.2 има проблеми да стартува на студено. Корисниците пријавуваат и проблеми поради прегревање на моторот. Корозија на рабовите на каросеријата исто така не се реткост.

БИЛАНСОТ НА ДЕФЕКТИ НА FIAT 500

(во зелена боја се подрачјата во коишто возилото е подобро од просекот во класата, додека со црвена боја се означени подрачјата во коишто има повеќе дефекти од просекот)

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

ШТО КАЖУВА РЕНОМИРАНИОТ TUV?

ПОДВОЗЈЕ

Горчливиот биланс на Fiat 500 почнува уште со водилките на тркалата. Проблемите во ова подрачје се далеку над просекот во класата. Црвена карта заслужуваат и пружините и амортизерите. Наспроти тоа, нема проблеи со погонските оски и со управувањето.

СВЕТЛА

Предните светла никогаш не светат правилно кај Fiat 500, поради дефектите на механизмот за местење на висината на светлосниот сноп. Колку што се проблем предните светла, толку се беспрекорни задните светла и трепкачите.

СОПИРАЧКИ

Нема проблеми со водовите на системот за сопирање, дури и кај моделите што се стари десет и повеќе години. Затоа, пак, бројни проблеми има во дејствувањето на ножната и паркирната сопирачка. Дисковите се трошат брзо, а исто и цревата во системот за сопирање рано почнуваат да попуштаат.

МОТОР И ИЗДУВ

Во делот што се однесува на обѕирот на моторот и издувниот систем кон животната средина, нема добри вести. Протекувањето масло од моторот е повеќе правило отколку исклучок. Постојаното светкање на контролните светилки вечно го расипува расположението, а истото важи и за издувниот систем што брзо пропаѓа и се создаваат дупки. Проблеми во ова подрачје се јавуваат уште кај модели стари две или три години.

ЗАКЛУЧОК

Fiat 500 е автомобил што се купува со срцето. На тие што ќе се „изгорат“ од 500, им останува кисела насмевка. Поправките се чести и се скапи. Скршени пружини, дупнат издув, расклатени водилки на тркалата. Кусите возења низ град го ставаат малечкиот Fiat на тешки предизвици. Единственото што не може да се забележи е – нема корозија.

>>> Најиздржливи и најрасипливи автомобили според TUV

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Купувај локално: BMW во салон на Mercedes, EQC на местото на iX3

Купувај локално: BMW во салон на Mercedes, EQC на местото на iX3

Škoda Octavia е Најпосакуван автомобил во Швајцарија за 2021

Škoda Octavia е Најпосакуван автомобил во Швајцарија за 2021