Чистиот промет порасна 7,4 проценти во споредба со истиот квартал лани и достигна 1,77 милијарда евра, соопшти Ферари.
Непречистената добивка, без вклучени камати, даноци, девалвација и амортизација порасна 5 проценти, на 670 милиони евра.
За напредувањето на бизнисот најмногу придонесоа испораките на СФ90 Икс Икс и на 12 Чилиндри, соопшти Ферари, исто како и зголемениот интерес на купувачите за нарачка на посебна изработка на возило, што значително ја зголемува цената.
На тој начин беше надоместено за влијанието од царините во САД и за смалениот број на испораки на Даутона СП3, вредна над 2 милиони евра.
Веста за добивката доаѓа кусо по веста дека акциите на Ферари имале најголем пад од 2016 година наваму, откако инвеститорите го одбија неамбициозниот долгорочен план.

Вредноста на акциите на Ферари на миланската берза годинава е намалена за една петина, како последица од неизвесноста од царините во САД, коишто се најголем пазар на Ферари, како и од ослабнатата побарувачка во Кина за луксузни производи.
Ферари, највисоко проценетиот европски производител на автомобили, веќе ги покачи цените во САД, поради зголемените царини што ги воведе претседателот Трамп.
Компанијата сите модели ги произведува во Италија и со тоа е изложена на царина во висина од 15 проценти за сите свои возила што ги увезува од ЕУ. Тоа е пониска стапка од првично пропишаната стапка од 27,5 проценти, но пак е повисока во споредба со царинските давачки пред Трамп да ја презеде функцијата.
[the_ad id=”85764″]
Моторите со внатрешно согорување остануваат главни, по откажувањето на амбициозните планови за електрични модели
Дури и Ферари, што обично е отпорен на секакви пазарни движења, е чувствителен на колебањата при преоѓањето на електричен погон.
На денот за инвеститори што се одржа во минатиот месец, извршниот директор Бенедето Виња ги одложи плановите за електричните модели на Ферари и остави бензинскиот и хибридниот погон да бидат главни во понудата. Моделите со целосно електричен погон ќе учествуваат со околу 20 проценти во продажбата на Ферари во 2030 година, што е половина од уделот што првично беше одреден во 2022 година.
Првиот целосно електричен модел Елетрика, ќе биде пуштен во продажба в година.
Кина исто така е проблематичен пазар, поради слабеењето на продажбата на луксузни возила, како последица од неодамнешните даночни промени коишто целат кон најскапите автомобили. Испораката на возила во Кина, Хонг Конг и Тајван опадна за 12 проценти во последниот квартал.
Ферари се наоѓа во преодна фаза, поради тоа што ближи завршетокот на испораките на ограничената серија од Дајтона СП3 и на нејзино место доаѓаат новите модели, како 12 Чилиндри и хибридниот Ф80. Аналитичарите предвидуваат дека маржата ќе се задржи на пониско ниво во претстојниот период, пред да почнат испораките на моделите од специјалните серии што се продаваат по значително повисоки цени.
Книгата со нарачки во Маранело е полна до цела 2027 година и со тоа е мошне предвидливо одвивањето на бизнисот на производителот на автомобили, којшто повеќе делува како луксузна марка, отколку како обичен производител на автомобили.
Додека Ферари во најголем дел ја задржа профитабилноста, ривалите од Европа се соочуваат со ослабната побарувачка. Порше во минатиот месец ја пријави првата загуба на квартално ниво, откако ги откажа амбициозните планови за преоѓање на електричен погон и претрпе удар од царините во САД и ослабнатиот пазар во Кина.
















