Концернот Envision ќе вложи до две милијарди евра во фабрика за батерии во северна Франција, од којашто ќе се снабдува Renault за своите електрични автомобили.
До крајот на деценијата во фабриката на кинескиот концерн Envision во Франција ќе бидат обезбедени 2.500 работни места. Претседателот Емануел Макрон денес ќе отпатува во градот Дуе, во северниот дел од земјата, за да ја најави големата инвестиција.
Renault склучи партнерство со Envision AESC, со цел неговите електрични автомобили да бидат повеќе конкурентни на пазарот. Envision AESC веќе е партнер на јапонскиот производител Nissan, којшто е во алијанса со Renault.
Шефот на Renault, Лука де Мео, при трансформацијата на францискиот производител сака да стави повеќе нагласок на заработката, отколку на масовното производство. Електричните автомобили се добра можност за Renault да ја зголеми профитабилноста на своето производство. Компанијата лани имаше загуба во висина од неколку милијарди евра.
Конкурентот Stellantis со мартките Peugeot, Opel и Fiat претходно најави дека ќе произведува батерии во Дуврен, исто така во северна Франција. Се планира и фабрика за батерии во Кајзерслаутерн, во Германија.