ЕУ во петок ќе гласа дали да воведе царини за ЕВ од Кина

Новите царини за ЕВ што се увезуваат во Европа од Кина ќе бидат дополнително оптоварување покрај постоечката царинска стапка од 10 проценти.

Европската Унија планира на 4-ти октомври да гласа дали да воведе царини во висина до 45 проценти за увозот на електрични автомобили што се произведени во Кина, пренесуваат лица што се запознаени со случувањата.

Државите членки добиле нацрт на уредбата за предложените мерки, соопштуваат извори.

Гласањето на државите членки на Унијата беше одложено поради преговорите со Пекинг што се одржаа непосредно пред истекот на рокот, како обид да се изнајде заедничко решение и да се избегнат новите давачки.

Преговорите меѓу двете страни ќе продолжат и во случај државите членки да ги усвојат новите царини. Назначениот нов датум сепак може повторно да биде поместен, известуваат извори чијшто идентитет не е објавен.

Гласањето следи по истрагата што ја спроведе Европската Комисија, како извршно тело на ЕУ, во којашто беше утврдено дека Кина недозволиво ѝ помага на домашната индустрија на ЕВ и дека се неопходни царини, за европските производители да не бидат загрозени.

Кина негира дека постоела недозволива активност од нејзина страна и се закани дека ќе одговори со возвратни царини за европски производи, како што се млечни преработки, жестоки пијалоци и свинско месо, но и автомобили со големи мотори.

Гласањето би водело кон воведување на нови царини, што можат да достигнат до 35 проценти и од ноември ќе важат во следните пет години. Царините нема да бидат усвоени, доколку квалификувано мнозинство, а тоа значи 15 држави членки што сочинуваат 65 проценти од жителите на Унијата, гласаат против. Новите царини ќе се пресметуваат дополнително на постоечките 10 проценти царина за увоз на возила од Кина.

Германија и Шпанија порачаа да не се гласа за воведување на царините, предупредувајќи дека со тоа ќе се предизвика трговска војна. Кина е втор најголем трговски партнер на Европа, со трговија што лани достигна вредност од 739 милијарди евра.

Европските службени лица се уверени дека Унијата ќе гласа за воведување на царините, објави Блумберг. Сепак останува резервираност, откако шпанскиот премиер Педро Санчез се изјасни против новите царини, додека Германија притиска да се постигне спогодба со Пекинг.

„Не сум фан на казнените царини, затоа што тие веројатно ќе водат до возвратни мерки и ќе нé внесат во царински спор во Кина, па веројатно и војна со царините,“ кажа германскиот министер за економија Роберт Хабек на 23-ти септември. „Работам на изнаоѓање политичко решение што нема да нé води кон војна со царините со Кина.“

ЕУ и Кина договараат заедничко решение, што ќе се заснова врз механизам за контролирање на цените и обемот на извоз, место врз царини.

ЕУ ги одбиваше досегашните предлози што ги понуди Кина.

Извршното тело на ЕУ повеќепати нагласуваше дека за секое решение постои строг пристап: Потребно е тоа да биде во согласност со правилата на Светската Трговска Организација, да го зема предвид влијанието на субвенциите на Кина и мора да се обезбеди дека ЕУ ќе може да надгледува дали се почитуваат правилата.

Претходна објаваШефот на Стелантис цени дека е најдобро „да се обидеме самите да бидеме Кинези“
Следна објаваБруно Сако, дизајнерот на најуспешните модели на Мерцедес, почина на 90 години

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here