
Бруно Сако, човекот што создаде некои од најпродаваните моделски серии во историјата на Мерцедес-Бенц и чијшто пристап во дизајнирањето создаде матрица, за германскиот производител да напредува постојано и да постигне доминација на светскиот пазар на луксузни автомобили, почина на 19-ти септември во Германија. Тој имаше 90 години.
Иако Сако се пензионираше во 1999 година, по кариера долга преку 40 години во германската луксузна марка, вклучувајќи 24 години како главен дизајнер, неговото наследство продолжи да влијае. Пример за тоа е Г-класата, којашто е родена како Гелендеваген (теренско возило) во 1979 година, и го задржа изворниот облик на Сако, па дури и во целосно електричната изведба.
„Бруно Сако со своите иконски дизајни и со својата страст за естетика остави траен белег во компанијата,“ кажа Горден Вагенер, главен дизајнер на Мерцедес-Бенц Групација, во соопштението од Штутгарт. „Со Бруно Сако загубивме исклучителна личност и импресивен естет.“
Модус операнди во дизајнот на Сако беше едноставен: еволуција, не револуција.
Тој исто така бараше дизајнерите да земат предвид период од 30 години при дизајнирањето на новите автомобили. Целта на таа практика беше да се обезбеди дека изгледот на Мерцедес нема да избледи со текот на времето. Возилата на Мерцедес, почнувајќи од исправената маска, ребрестите задни светла и страничната силуета, сите се повикуваат на истите дизајнерски елементи, што со благи преправки се пренесуваат од генерација во генерација.
Сако не сакаше тековните клиенти на Мерцедес да се чувствуваат како да возат застарен автомобил, поради тоа што кај некој нов модел бил применет сосем различен стил.
„Мерцедес-Бенц секогаш мора да изгледа како Мерцедес-Бенц,“ кажуваше тој често.

Италијански корени
Бруно Сако е роден на 12-ти ноември 1993 година, во Удине, Италија. Тој уште рано почнува да покажува заинтересираност за геометријата. Посетата на салонот на автомобили во Торино во 1951 година го упатува во нов правец, кон автомобилскиот дизајн. Италија во 1950-те години беше колевка на автомобилската креативност, со дизајнерски куќи од ковот на Пининфарина, Гиа, Фруа, Загато, Микелоти. Сите тие влијаеја врз стилот на автомобилите во Европа, Северна Америка, па и Јапонија.
Првото работно место на Сако е во торинската Кароцериа Гиа во 1955 година. По две години, тој почува да работи во Мерцедес-Бенц и учествува во стилизирањето на класичниот родстер Мерцедес-Бенц 230 СЛ. Сцената го познава овој модел како Пагода, поради формата на покривот.
Неговиот животопис вклучува работа на речиси сите класични лимузини на Мерцедес во 1960-те, во раните 1970-ти, вклучувајќи и знаменосци од ковот на В100, со ознака Мерцедес-Бенц 600. Овој модел се произведува од 1963 до 1981 година и од него е произлезена С-Класата. Тоа е лимузина со напредна технологија, којашто со сериозната појава, со напредниот инженеринг и со моќните мотори, беше прв избор на политичари, папи, светски личности како Џон Ленон, Џорџ Харисон, Елизабет Тејлор, Елвис Присли, Тито.
„Секогаш се препознаваат потезите на дизајнерот,“ кажа тој во интервју во 1986 година за италијанскиот магазин Домус. „Сам дизајнер ретко успева да ги разбере суштинските квалитети на производот што тој треба да го дизајнира, односно да го ‘облече’. Место тоа, во Мерцедес пристапуваме кон тоа прашање како кон низа меѓусебно зависни функции. Нашиот дизајн претставува прикажување на функциите.“
Мерцедес-Бенц од серијата 201
Тоа не беше луксузно возило, Г-Класа или некој од моќните спортски автомобили на коишто Сако се гордееше најмногу. Тој кажа дека неговото најважно достигнување бил Мерцедес В 201, познат како Мерцедес-Бенц 190, што своето деби го доживеа во 1982 година.
„Беби Бенц“, првиот влез на марката во сегментот на компактни автомобили, својот изглед го позајми од С-Класата. Произведуван од 1982 до 1993 година, Мерцедес 190 се продаде во повеќе од 1 милион примероци. Спортската изведба, 190E 2.3-16, користеше мотор тјуниран во Косворт и прерасна во безвременски модел.
Дајмлер го назначи Бруно Сако за шеф на дизајнот во 1975 година. Под негово раководство, германската луксузна марка влезе во нови сегменти и ги освои, со модели како компактната А-Класа, семејниот ван В-Класа, па и микро-автомобилот Смарт. СЛК, ЦЛК и Е-Класата, исто така се дело на Сако.
„Мерцедес-Бенц секогаш ќе се сеќава на исклучителниот стилист, а пак скромен човек,“ изјави во соопштението Баркус Брајтшверт, извршен директор на огранокот на Мерцедес-Бенц за историски возила. „Бруно Сако го создаде обликот на безброј икони на Мерцедес-Бенц. Некои од нив уште се гледаат денес во секојдневниот сообраќај, или одушевуваат како класичари на марката.“
Пред да замине во пензија, Сако го создаде центарот за дизајн на Мерцедес-Бенц во Зинделфинген, Германија. Тој членуваше и во управниот одбор. Сако е запишан во Автомобилската Куќа на Славните во 2006 година.















