за

Електрични автобуси на релација од Париз до Амиен

електрични автобуси франција flixbus

По автопатиштата низ Европа има сé повеќе автобуси што возат на долги релации, но сите тие користат дизел мотор. Тоа ќе се смени, затоа што кон крајот на следниот месец стартува првата меѓуградска линија со електрични автобуси. Релацијата меѓу Париз и Амиен ќе се впише во историјата како прва меѓуградска линија со електрични автобуси.

Патната делница како да е создадена за автобуси со погон на струја, затоа што по нејзината должина има неколку станици за полнење струја. Од друга страна, со 150 километри, делницата може да се совлада без потреба од дополување на батеријата.

Најголемата европска компанија за превоз Flixbus, во текот на летото ќе ја воведе и втората линија, во Германија, иако уште не е соопштена точната релација на којашто таму ќе сообраќаат електричните автобуси.

Европските производители заостануваат зад Кина во производството на електрични автобуси

Европските производители сепак заостанале во воведувањето на електричниот погон во своите автобуси. Превозникот Flixbus ги набавува автобусите во Кина. На патната релација во Франција ќе сообраќаат дванаесетметарски автобуси Yutong Ice, со 53 седишта и крајна брзина од 100 километри на час. За Германија се избрани BYD C9, со 40 седишта и максимални 90 km/h.

Обата кинески производители користат батерии литиум-железен фосфат, со времетраење на полнењето меѓу три и четири часови. Досегот е релативно мал и изнесува 200 километри, но батериската техника напредува со брзо темпо и може да се очекува дека наскоро ќе бидат достапни батерии со повисок капацитет.

Двојно повисока цена, но неколкупати пониски оперативни трошоци и поевтино сервисирање

Поголем проблем се чини дека е цената на електричните автобуси, којашто е двојно повисока од автобусите со дизел мотор. Но, повисоката цена се надоместува по одреден период на експлоатација, затоа што оперативните трошоци се неколкукратно пониски при возење на струја. Дополнителна предност е тоа што значително се смалени и трошоците за сервисирање и одржување на погонската спрега. Се смета и на поголема издржливост и чувствителност на дефекти, поради драстично помалиот број на ротирачки компоненти. Покрај тоа, цената на електричните автобуси ќе опаѓа во следните години.

Европските производители имаат многу да надоместат зад нивните кинески конкуренти, иако Daimler го најави стартот на производството на Citaro E-Cell кон крајот на годинава. Во десетмилонската метропола Шензен, од крајот на минатата година возат исклучиво електрични автобуси. Станува збор за возен парк од преку 16.000 автобуси. Неколку градови во Европа дури сега почнуваат со воведување на погонот со нулта емисија на штетни материи во автобускиот превоз.

Во следните шест до седум години се очекуваат и автобуси со погон на водород

Во иднина сепак може да се пробие друг погон, водородниот погон. Досегот при користење водород како погонско гориво практично не се разликува од досегот со дизел, а полнењето на резервоарите за водород трае само неколку минути. Батерискиот погон сепак ќе ги освојува меѓуградските автобуси во следните години, затоа што во меѓувреме напредуваше и инфрастуктурата од полначи за струја.

Превозниците допрва ќе стекнуваат искуства со погонот на струја на долги релации. Кога ќе почне да снемува гориво, со автобус со дизел мотор може во секое време да се побара најблиската станица за гориво, додека електричниот автобус едноставно ќе запре кога ќе остане без енергија.

Производителите вложиле пет милијарди евра во електрични автомобили

Продажбата на електрични автомобили надмина милион примероци

Зошто скапите автомобили со моќни мотори се добри за електромобилноста

Honda стартува со нарачки за електричниот Urban EV в година

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

chevrolet cruise av

Chevrolet без волан и педали пристига во 2019 година

porsche 356 nr 1 svajcarija

Швајцарец е заслужен за првите нарачки од Porsche пред 70 години