
Од кинескиот град Вухан, каде што е седиштето на производителот на автомобили Донгфенг Мотор, на 7-ми јуни појде колона од неколку дузини електрични лимузини И-Пи 007. Нивното патување ќе биде долго 1.000 милји, долж реката Хан, најдолга притока на Јангце, со којашто Донгфенг Мотор го поврзува својот пробив на светската сцена.
Донгфенг Мотор појде на големо патување со 30 сопственици на електричната лимузина И-Пи 007. Патувачката авантура предвидува возење по пат долг илјада милји, односно околу 1.600 километри, долж течението на реката Хан. Настанот се организира со намера за „заеднички да се негува хуманизмот и да се покаже одговорност кон животната средина, да се негува духот на компанијата Донгфенг Мотор и да се зајакне пријателството меѓу сопствениците на автомобил од марката И-Пи“, соопшти производителот.
Организатор е марката И-Пи, дел од Донгфенг Мотор, покрај сестринските марки Фортинг, Воја, М-Херо, Еолус и Нано, во соработка со Фондацијата за општествена добросостојба на компанијата Донгфенг, Здружението за заштита на делфините во реката Јангце и други организации.
Хан е најдолга притока на реката Јангце и служи како главен извор на вода, во проектот за насочување на водата од југот кон северот на Кина. Компанијата Донгфенг Мотор во 1969 година ја основала својата база во Шијен, на брегот на реката Хан. Токму реката одиграла важна улога за развојот на Донгфенг, затоа што преку неа се одвивало целото снабдување на фабриката во раните години.
Оттаму, Донгфенг продолжи да се шири во Сјанјанг, Вухан и на други локации, воздигајќи се од далечните планини, за денес да се пробие на светската сцена. И-Пи е марка што има посебно место и своја целна група во Донгфенг. Додека Фортинг нуди возила со висока спецификација, во средина меѓу Еолус, како буџет-марка и Воја, како премиум марка, И-Пи оди на електрификација и напредна технологија.
Во Донгфенг сé погласно се зборува и за одржливо производство, односно примена на енергија од обновливи извори и затворен еко-систем. Оваа авантуристичка акција по течението на реката Хан, сведочи дека на животната средина се внимава и надвор од производствениот круг.

И-Пи неодамна стартуваше со продажба на СУВ-моделот со ознака М8. Голем дел од напредните технологии во М8 произлегуваат од партнерот Хуавеј. Повеќе нема да биде изненадување ако М8 се најде и во понудата на Донгфенг на македонскиот пазар, по стартувањето со првата кинеска премиум марка Воја и со првиот електричен автомобил со продолжувач на досег, Фортинг С7 РЕЕВ.















