
Кинеските производители не се толку посветени да испраќаат сооштенија до медиумите, како европските, меѓутоа одвреме навреме ќе се улови некоја вест. Донгфенг на својот домашен вебсајт јави за потфатот на логистичкото одделение, да се подготват 1.010 возила за брза испорака за Источна Европа, поради наглата побарувачка.
Извесна Јипаи Технолоџи, компанија што е задолжена за логистиката на кинески Донгфенг Мотор, успешно се соочи со предизвикот, најитно што може да се пренесат 1.010 возила штотуку излезени од фабрика на Донгфенг, до пристаниште, и веднаш да се качат на брод.
Пет денови може се чинат како сосем пристојно време за да се заврши таква процедура, меѓутоа во светот на логистиката, овој потфат навистина наиде на одушевување. Тоа секако дека укажува на сериозната посветеност, како на Донгфенг Мотор, така и општо на кинеската автомобилска индуструја.
Со скромни познавања на кинескиот јазик (а тоа секако дека се онлајн преведувачи), веста гласи дека логистичарите на Јипаи Технолоџи на 10-ти октомври добиле итен повик, до пладнето на 15-ти октомври итно да се пренесат 1.010 возила од фабрика до пристаниште.
Користејќи секакви начини за транспорт, по патишта, по вода, по железница, за пет денови завршил целиот овој потфат, што заслужува да се овековечи во филм. Веста понатаму спомнува дека во времето додека возилата патувале до пристаниште, се комплетирала сета административна работа, односно документацијата, за возилата да се качат на брод.
Возилата буквално биле качувани на камион веднаш по излегување од производстената лента. Во меѓувреме се вршеле и постојани проверки дали сé е во тек со планот.
Видеото од тестот на Донгфенг Еолус Мејџ во Аутомедиа
За кои пазари се наменети овие возила, производителот не соопштува, исто како што не ги наведува и моделите. Од сликата единствено може да се забележи дека станува збор за Еолус Мејџ (Тест во Аутомедиа) и Хјуџ, двата најнови СУВ-модели на Донгфенг, коишто од годинава се во редовна продажба и во Македонија. Нема да биде изненадување ако од увозникот АБЦ Брадер дојде потврда дека во оваа итна пратка навистина има возила и за македонскиот пазар.















