Акциите на Донгфенг скокнаа по најавата дека ЕВ-марката Воја ќе стартува на берзата

Акциите на Донгфенг на берзата во Хонгконг постигнаа најголем скок во изминатите шест месеци, откако кинескиот производител најави реструктурирање заради засилување на своето присуство на пазарот на електрични автомобили.

Воја Дрим е знаменосецот на премиум марката на Донгфенг, со електричен погон и врвен луксуз

Вредноста на акциите на Донгфенг на 25-ти август порасна за 69 проценти, што е најголем скок по февруари, на 10,10 хонгконшки долари, откако берзата продолжи со тргување по двонеделен прекин.

Реструктурирањето што беше најавено на 22-ри август, предвидува повлекување на акциите на Донгфенг од берзата во Хонгконг и новo котирање за својата марка Воја, луксузна марка на Донгфенг што произведува електрични возила. Според компанијата, теоретската вредност изнесува 10,85 хонгконшки долари по акција.

Смената во работењето следи откако Пекинг во март препорача државните производители на автомобили да се обединат, со цел да се зголеми нивната конкурентност на пазарот.

Донгфенг, заедно со Чанган и кинеската групација ФАВ, се најдоа неспремни во наглиот подем на домашните производители на електрични возила, од ковот на Би Уај Ди, коишто им го одземаат уделот на странските марки, а токму тие се темел на работењето на производителите во државна сопственост.

Половината од продажбата на Донгфенг во првите седум месеци отпаѓа на заедничките фабрики со Хонда и Нисан.

„Предложената трансакција е јасен потег, со којшто кинеската влада, исто како и управата на Донгфенг Мотор, има намера да ги ослободи скриените сили на компанијата,“ објавија аналитичарите на Џеј Пи Морган. „Компанијата постојано тргуваше значително под реалната вредност, додека готовината и ликвидните средства се речиси двојно поголеми од пазарната капитализација.“

Видеото од тестот на електричен Донфгенг Бокс во Аутомедиа

Марката Воја почна со продажба во 2020 година и моментно учествува со само 7 проценти во вкупната испорака на возила на Донгфенг. Во првите седум месеци, Воја сепак постигна огромен раст и продажбата ја зголеми за 86 проценти, со 66.680 возила. Во истиот период, заедничката компанија со Хонда продаде 173.373 возила, што е пад од 31 проценти во споредба со лани.

Продажбата на Воја се очекува да достигне 150.000 возила годинава, за в година да следи уште еден голем скок, на 260.000 возила, проценуваат Ситигруп.

Со реструктурирањето, Воја ќе биде проценета на 36,8 до 41,88 милијарди јуани, што одговара на 5,1 до 5,86 милијарди долари, објавија аналитичарите на Морган Стенли. За споредба, премиум марката електрични возила Аватр, чијшто најголеми акционери се Чанган и Контемпорари Амперекс Технолоџи, вреди 31,8 милијарди јуани, иако Воја во 2024 година имаше помали загуби од Аватр.

Њујорк Тајмс во април објави дека Донгфенг и Чанган се во преговори за можно спојување, повикувајќи се на упатени извори. Но, во јули, новата влада го презеде контролниот удел акции и со тој потег направи Чанган да стане еден од трите производители на автомобили што се под директна контрола на Пекинг, заедно со Донгфенг и ФАВ Групација.

Покрај посилното посветување на електричните возила, Донгфенг го продава и својот удел од 50 проценти во заедничката компанија со Хонда, чијшто имот вреди 5,4 милијарди јуани.

Претходна објаваМерцедес го продаде уделот во Нисан за 325 милиони долари
Следна објаваВистинската слика за сообраќајот: За еден ден 725 казни за брзо возење, многу диви возачи

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here