Добитниците и губитниците од предложениот извозен механизам меѓу ЕУ и САД

Автомобили на БМВ произведени во Спартанбург и подготвени за извоз од пристаништето во Чарлстон

Дискусијата е дел од напорите на Европската Комисија да постигне трговска спогодба со претседателот на САД, Доналд Трамп, со цел да се укине високата царинска стапка од 25 проценти за увоз на автомобили и делови за автомобили, што администрацијата на САД ја воведе во април.

Тоа им оди во корист на производителите на автомобили што располагаат со големи фабрики во САД и што ќе можат своите капацитети во земјата да ги искористат за да бидат помалку погодени од царините.

Што значи трговската спогодба за ЕУ и како таа ќе влијае врз одделните производители на авгомобили во Европа:

Кој е влогот на ЕУ?

Според податоците од европското здружение на производители АЦЕА, во 2024 година од Европа во САД биле извезени близу 758.000 автомобили во вкупна вредност од 39 милијарди евра. Тоа е четирипати поголема вредност од извозот на автомобили од САД во Европа.

Дипломат на ЕУ изјави дека автомобилите биле „црвената линија“ за Унијата и нема да се прифати каков било компромис којшто ќе оди на штета на автомобилската индустрија. Брисел и Вашингтон сепак имаат различни цели. Додека Трамп има намера да го врати производството на автомобили во САД, Брисел бара пазарите да бидат отворени за европските автомобили, во време кога браншата се соочува со скапа енергија и со конкуренција од Кина.

Кои би биле победници?

БМВ и Мерцедес-Бенц ќе имаат најголема корист од механизмот со којшто ќе се пресметува колку автомобили се извезени од САД и колку се увезуват од ЕУ, затоа што двата премиум производители имаат големи фабрики во САД.

БМВ, на пример, од својата фабрика во Спартанбург, Јужна Каролина, во 2024 година извезе околу 225.000 возила, а продаде 400.000 возила на пазарот во САД. Тоа значи дека 175.000 возила биле увезени од други пазари, што е помалку во споредба со извезените автомобичи.

Мерцедес-Бенц извезува околу две третини од возилата што ги произведува во Венс, Алабама, односно тоа биле околу 170.000 возила во 2024 година. Во минатата година биле продадени 324.528 возила на Мерцедес-Бенц во САД, а биле увезени околу 235.000 возила од други земји.

Дел од фабриката на Мерцедес-Бенц во Алабама

Кои би биле губитниците?

Фолксваген ќе остане без корист, затоа што најголемиот дел од возилата што ги произведува во Чатануга, Тенеси, ги продава на локалните пазари, додека извозот е незначителен.

Од тие причини, од Вашингтон се бара да одобри инвестициски кредити, коишто ќе излезат во пресрет на плановите на производителите да го зголемат своето производство во САД.

Групацијата Фолксваген, на пример, во моментов одлучува дали својата премиум марка Ауди да почне да ја произведува во земјата. Ауди ги увезува сите свој автомобили што ги продава во САД. Можно е да се гради нова фабрика или да се користи постоечка фабрика на концернот

Спортската марка Порше исто така нема да извлече корист, затоа што не произведува локално и сите свои автомобили ги увезува од Европа.

Мало влијание врз Стелантис

Концернот Стелантис, каде што спаѓаат локалните марки Џип, Рам и Крајслер, нема да биде погоден посериозно од договорот со ЕУ.

Стелантис располага со голем број фабрики во САД, од коишто главно се покрива локалниот пазар, додека протокот на извозот и увозот на автомобили меѓу САД и ЕУ низ годините беше мошне слаб. Обично станува збор за мала количина пикапи од САД, наспроти модели од европските марки Алфа Ромео, Масерати и Фиат.

Групацијата е многу почувствителна за царините на САД за Мексико и Канада, каде што произведува околу 40 проценти од возилата што ги продава на пазарите во Северна Америка, посебно во Мексико.

Волво исто така губи

Волво Карс е меѓу европските производители на коишто најмногу ќе им наштетат царините на САД, поради тоа што главнината од автомобилите што се продаваат таму, увезени се од Европа. САД лани учествуваа со 16 проценти во продажбата на Волво Карс.

Компанијата најави дека ќе го прошири производството во фабриката во Чарлстон, Јужна Каролина, додавајќи нов модел покрај електричниот Е Икс 90 што се произведува таму.

Волво посочи дека новиот модел веројатно ќе биде СУВ од средна класа со приклучен хибрид, што е популарен избор меѓу купувачите во САД.

Полстар, како марка на кинеската групација Џили, исто како Волво Карс, лани почна да го произведува СУВ-моделот Полстар 3 во фабриката во Чарлстон, за да се избегнат високите царини за електрични автомобили од Кина.

Претходна објаваЕУ и натаму притиска за брз договор за царините со САД, откако Трамп го одложи рокот до август
Следна објаваШто да се одбележи попрво, 50 години на Влатко Стефановски на сцената или 50 години на серија 3 на БМВ – М Кар реши, сé заедно

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here