Зошто Германија гласаше против царините за електрични автомобили од Кина

Електричниот СУВ-модел БМВ и Икс 3 денес се произведува само во фабриката на БМВ и Брилијанс во Шенјанг, Кина.

ЕУ сака да наплати. По одлуката во Брисел, според која уште во ноември ќе почне да се пресметуваат казнени царини во висина до 35 проценти за увоз на електрични автомобили што се произведени во Кина, шефовите на германските производители на автомобили исто така седнаа да ги направат новите пресметки.

Компаниите веќе долго време предупредуваа дека казнените царини ги погодуваат и електричните автомобили што се конструирани и развиени во Европа, но се произведуваат во Кина. Гласникот на германската автомобилска индустрија Аутомобилвохе објави кои се моделите што трпат од новите давачки и колку тоа ќе ги чини производителите.

БМВ: +21,3 проценти

Од царините на ЕУ се погодени три модели на минхенците. За сите тие модели веќе постојат планови да се прекине со производството во Кина. Во моментов единствено електричниот СУВ-модел и Икс 3 се произведува во фабриката на БМВ во Менјанг, од каде што се увезува во Европа. Од 2026 година, неговото место ќе го заземе првиот модел од Ное Класе, нова класа, што ќе се произведува во новата фабрика на БМВ во унгарски Дебрецин, втор најголем град во земјата по Будимпешта. Аналитичарите на Датафорс проценија дека во 2023 година од Кина во Европа биле увезени околу 18.000 примероци од и Икс 3.

На тоа следат уште две моделски изведби на Мини, што БМВ ги произведува во заедничката компанија со Грејт Вол Моторс, што се води под името Спотлајт. Увозот на Мини Купер и на Ејсмен почна годинава. Двата модели сепак ќе се преселат во Европа, во 2026 година. Намерата на БМВ е двата електрични модели да ги произведува во матичната фабрика на Мини во британски Оксфорд. За таа цел, во фабриката се вложуваат 700 милиони евра.

ЕУ воопшто не се осврна на тие планови за иднината и одреди казнена царина што за БМВ изнесува 21,3 проценти. Во почетокот висината на царинската стапка изнесуваше 38,1 проценти, затоа што на ЕУ ѝ недостигале податоци околу увозот на двата модели на Мини. Производителот тогаш не можеше да ги достави бараните податоци, затоа што увозот штотуку започна. Во меѓувреме беше смалена висината на царинската стапка.

Развиена во Европа, произведувана во Кина. Електричната Купра Таваскан

Купра. +21,3 проценти

При класификацијата што ЕУ во јули ја направи за новиот електричен СУВ-модел Таваскан, на марката Купра, којашто е дел од Фолксваген, исто така беше одредена казнена царина во висина од 38,1 проценти, поради недоволна соработка со ЕУ. Возилото се произведува во фабриката на Фолксваген во Анхуеј, Кина. Унијата во меѓувреме подобро ги согледа состојбите и за Купра исто така одреди казнена царина од 21,3 проценти, поради добра соработка.

Купра формално е шпанска марка, не е германска, но дел е од концернот Фолксваген. Извршниот директор Вејн Грифитс во неодамнешното интервју за Аутомобилвохе искажа крајна разочараност од плановите на ЕУ, да воведе казнени царини за моделот што Купра го произведува во Кина. „Мораме да најдеме разбирање во Комисијата на ЕУ, но и во шпанската влада. Се случува токму спротивното од тоа што политиката го има зацртано како цел, имено да ја штити европската индустрија. Сега сме оштетени.“

Смарт #1 се произведува во Кина во заедничката компанија на Мерцедес и Џили

Смарт: +18,8 проценти

Моделите на Смарт, конкретно моделот со ознака #1, што се произведува во заедничката компанија на Мерцедес и Џили, се сметаат како модели на кинескиот производител Џили и поради тоа се оптоваруваат со казнена царина во висина од само 18,8 проценти.

Според службениот лист на ЕУ, Штутгарт во почетокот на истрагата барал Смарт да се води независно од Џили. Доколку ЕУ постапеше така, моделите на Смарт требаше да бидат оптоварени со царина од максималните 35,3 проценти, колку што е стапката за компании што не соработувале во истрагата. Место тоа, царината вака е преполовена, на 18,8 проценти.

Без ретроактивна примена

Новите царини веројатно ќе почнат да се пресметуваат уште во ноември. Како основа се зема бруто цената според ценовник, вклучувајќи ги и транспортните трошоци. Притоа продолжуваат да важат и досегашните 10 проценти царина, што важат општо за сите електрични автомобили што се увезуваат од Кина. На тоа следат новите казнени царини, различни за секој производител.

ЕУ во почетокот имаше намера казнените царини да ги наплаќа ретроактивно, односно за сите електрични автомобили што се увезени од Кина, почнувајќи од 5-ти јули наваму. Тоа ќе беше случај, доколку не се постигнеше решение во разговорите со кинеската страна. Таа идеја во меѓувреме е надмината.

Претходна објаваЦиркузот на ЕУ со царините за кинески ЕВ: Десет членки за, пет против, 12 воздржани, законот изгласан
Следна објаваШефовите ги демантираат објавите дека Рено и Стелантис ќе се спојувале

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here