Daimler и Volkswagen се понудија како крунски сведоци во случај на обвинение против германските производители на автомобили за наводно картелско здружување. Во BMW се чувствуваат измамени од оваа постапка.
Барањето поднесено од Daimler и Volkswagen, да учествуваат како крунски сведоци во случај на поднесување обвинение за картелско здружување против германските производители на автомобили, предивика вознемиреност во Минхен. Менаџер на BMW изјави за германските медиуми дека е „комично чувството, додека се преговара за соработка со конкурентите, нивните правници во исто време да поднесуваат пријава за состанокот кај институциите за заштита на конкурентноста.“
Брисел веќе изврши претрес во седиштето на BMW во Михнен
Комисијата на ЕУ моментно врши предистражна постапка. Брисел пред неколку денови изврши претрес во BMW. Постои сомнение дека трите концерни BMW, Daimler и Volkswagen долги години разменувале информации во тајни кругови за автомобилите, цените и добавувачите.
Спогодбите меѓу производителите на автомобили се вообичаени, на пример, кога треба да се донесат стандарди за полначи за електрични автомобили. Прашањето е дали границите биле пречекорени во последниов случај.
Баварците ќе ги исполнат постоечките договори за соработка со конкурентите, но нема да склучуваат натамошни соработки. Daimler вчера објави дека поднел барање да учествува како крунски сведок, а потоа следеше и Volkswagen.
Крунските сведоци во случајот со картелското здружување можат да очекуваат драстично намалување на казната, па дури и целосна поштеда. Уште е неизвесно дали воопшто постои нешто зад сомневањата.
















