Dacia Duster е нешто како G-Class за теренците што се достапни за поширокиот пазар. За разлика од нашминканите соперници од класата, Duster не само што изгледа, туку и функционира како теренски автомобил. Новакот задржува уште една предност од претходникот. Цената.
Повеќе од еден милион продадени примероци од Dacia Duster за седум години е бројка што повеќето од конкурентите допрва треба да ја достигнат. Романската марка на Renault во меѓувреме стартува со втората генерација на робусниот теренец. Новиот Duster продолжува со препознатливиот изглед на каросеријата, ентериерот оддава поубедлив впечаток за квалитетот. Додадени се и неколку системи за асистенција, има и нови ставки во опремата.
Изгледот придонесе за успехот на Dacia Duster, но само поради тоа што и техниката покажа робусен карактер
Изгледот несомнено привлече голем дел од купувачите на теренецот на Dacia. Тука немаше што да се менува, освен уште повеќе да се нагласи тоа што го создава препозналивиот изглед на Duster. Секако има и нови детали, како предна маска во стил на Renault Alaskan. Белег оставаат и дневните диодни светла, како и графиката на светлата во форма на потковица.
Ветробранот е 10 сантиметри понапред отколку кај претходникот, што придонесува кабината да изгледа попросторна. Носачите за багаж на покрив даваат придонес во стилот, исто како и бандажите од 17 инчи и нагласените арки во крилата.
Попријатна средина и покомотно седење во новиот Dacia Duster
Внатрешноста оддава среденост и прегледност, заедно со големиот средишен дисплеј, когошто Dacia масовно го вградува во целата моделска гама. Воланот сега се мести 40 милиметри по висина и 50 милиметри по длабочина. Во средувањето на кокпитот е преместена и паркирната сопирачка, заради повеќе простор за прегради. Седечката површина на предните седишта е подолга за 20 милиметри, возачкото седиште добива распон од 60 милиметри за висинско местење. Заедно со поквалитетните материјали и дотераната ергономија следува и потемелна звучна изолација на кабината.
По пример на француската сестра, Duster располага со дури 24,3 литри простор за одлагање во сите прегради низ кабината. Багажникот во изведбата со погон напред има волумен од 478 литри, односно 467 литри во верзијата 4WD. Со соборена клупа, багажниот простор достигнува 1.623 литри.
Далечинско вклучување на климатизацијата во кабината
Во новата Dacia Duster е достапен и автоматски клима-уред, пристап во кабината и стартување на моторот без клуч, систем за надгледување на мртвите агли, па и далечинско стартување на моторот и вклучување на климатизацијата, за возачот и патниците да влезат во веќе изладена или загреана кабина.
Тоа што за повеќето нови модели во класата е мисловна именка – погонот на сите тркала – во новиот Dacia Duster прераснува во негова најголема предност. Растојанието од подлогата изнесува 210 милиметри, аглите на пристап и излез се соодветно 30 и 33 степени, додека аголот на рампа е 21 степен. Романскиот теренец е долг 4,34 метри и широк 1,8 метар. Во повисоките нивоа може да се добие и систем за одржување на брзината по стрмна надолнина, како и помош при поаѓање на нагорнина.
Четири камери му помагаат на возачот полесно да маневрира додека вози по терен (или паркира в град, сеедно), прикажувајќи го возилото од птичја перспектива. За теренски ентузијасти следува и пакет со компас и прикажување на аглите под коишто се наоѓа возилото.
Верзијата со фабрички вграден уред за автогас останува во понудата
Понудата од мотори почнува со 1,6-литарскиот бензинец со 115 КС, кој е достапен во верзии 4х2 и 4х4. Во изведбата со преден погон може да се избере и безстепен менувач. Средината од погонската понуда е наменета за 1,2-литарскиот турбобензинец со 115 КС, додека третата бензинска опција е дволитарец со 145 КС, само во верзија 4х4 и со автоматски менувач.
Од дизелите следуваат dCi 85/90 во верзија 4х2 и dCi 110 во верзии 4х2 и 4х4. Во изведбата со посилниот дизел и со погон напред може да се избере менувач со двојна спојка.
Познати се и цените за францускиот пазар. Основната изведба со мотор SCe 115 и погон напред чини 11.990 евра. За верзијата со погон на автогас, цената изнесува 12.790 евра. Во опремата на основниот модел за францускиот пазар спаѓаат шест воздушни перници, автоматско вклучување на светлата, електрично сервоуправување, електрика на предните прозорци, диодни дневни светла, централна брава и лакирани браници.




















