за

БИД ќе ја симне Тесла од тронот како најпродавана марка електрични автомобили

Во индустријата со којашто владеат познати имиња, како Фолксваген, Стелантис или Тојота, кинеските производители како БИД и САИЦ земаат силен залет.

Изложени возила на БИД во рамките на ИАА Мобилност во Минхен, во септември 2023 година

Кинескиот БИД е најголемата автомобилска марка за којашто повеќето немаат слушнато. Тоа звучи мошне збунувачки, меѓутоа вистински ги отсликува состојбите на автомобилскиот пазар.

Кинескиот производител на автомобили е на пат да ја престигне Тесла како светски лидер во продажбата на целосно електрични возила. Мошне е извесно дека тоа ќе се случи уште во последниот квартал од годинава, откако во следните неколку денови ќе се соберат и споредат податоците од продажбата.

Оваа пресвртница е важна од две гледишта. Од една страна, смената на Тесла со БИД на местото на најголем производител на електрични автомобили во светот претставува важна пресвртница за самиот пазар на електрични автомобили. Од друга страна, со тоа се потврдува сé посилното влијание на Кина на светската автомобилска сцена.

Во индустрија во којашто уште владеат познати имиња, како Тојота, Фолксваген или Џенерал Моторс, кинеските производители како БИД и САИЦ се пробиваат сериозно. Откако во последните неколку години ги престигна САД, Јужна Кореја и Германија, Кина сега е на пат да ја престигне и Јапонија, како најголем извозник на автомобили во светот. Од вкупно 3,6 милиони автомобили, што во текот на месец октомври беа качени на брод од кинеска почва, дури 1,3 милион автомобили беа целосно електрични.

„Се сменија конкурентските односи во автомобилската индустрија“, кажува Бриџит Меккарти, директорка на кинескиот огранок на инвестицискиот фонд Сноу Бул Капитал, со седиште во Шензен. Фондот има инвестирано и во БИД и во Тесла. „Големината и наследството на автомобилските компании повеќе не се важни; важна е брзината со којашто тие можат да иновираат и да се развиваат. БИД уште одамна почна да се подготвува, за да дојде во состојба тоа да го прави побрзо отколку што останатите можеа да си замислат, и сега индустријата треба да се трка за да фати чекор.“

Круната е предадена

Предавањето на круната за најголем производител на електрични автомобили ја отсликува и смената во местата во натпреварот меѓу Илон Маск, шеф на Тесла и најбогат менаџер во светот, и основачот на БИД, милијардерот Ванг Чуанфу.

Додека Маск постојано го предупредуваа дека е мал кругот на купувачи што можат да си дозволат електричен автомобил од Тесла, со актуелните каматни стапки, Ванг преоѓа во офанзива. БИД нуди половина дузина модели што допираат до поширок круг купувачи и чинат далеку помалку од тоа што Тесла го наплаќа за својот најдостапен автомобил во Кина, Модел 3.

Кога клубот на сопственици на Тесла во мај објави видео во коешто Маск се кикоти за автомобилите на БУД, во едно негово појавување на телевизијата Блумберг во 2011 година, тој сега го има сменето мислењето и коментираше дека автомобилите на БИД „денес се мошне конкурентни“.

Со веројатната смена на светскиот поредок на електричните автомобили се исполнува целта што Ванг (57) си ја постави, кога Кина почнуваше да ја развива својата индустрија на електрични возила, што денес е водечка во светот. БИД во меѓувреме продолжува да ѝ бега на Тесла на домашниот пазар, исто како и нa останатите производители во земјата. Тој успех сепак не ќе може толку лесно да се повтори на извозните пазари.

Европа веројатно ќе им се придружи на САД и ќе го попречи увозот на кинески автомобили, со воведување повисоки царини за нив. На тој начин ќе се сочуваат илјадници работни места во производството. Пазарите за електрични автомобили во останатите земји уште се во зародиш и на производителите не им се исплатува да вложуваат во нив. Менаџментот на БИД ги гледа САД како табу, имајќи го превид заострувањето на трговските односи меѓу Вашингтон и Пекинг.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by BYD Global (@byd_global)

Ванг е чиста спротивност на Маск, во поглед на неговото присуство на друшвените мрежи. Тој ги избегнува мрежите и се држи настрана од јавноста. Така беше сé додека ЕУ не отпочна истрага за тоа како Кина ги потпомага домашните производители на електрични автомобили. Ванг тогаш се јави со мошне остра реакција и кажа дека е време за кинеските марки да ги „урнат старите легенди“ во автомобилскиот свет.

Додека најголемиот дел од купувачите надвор од Кина имаат само бледа престава за БИД, Ворен Бафет и тоа како е свесен за моќта на кинескиот авто-гигант. Во 2008 година, Беркшир Хатавеј Инк. вложи 230 милиони долари за да откупи 10 проценти од акциите на БИД. Кога Беркшир во минатата година почна да го смалува својот удел во холдингот, акциите се продаваа 35-пати поскапо, односно вредноста на нивниот удел во БИД достигна 8 милијарди долари.

Неодамна починатиот потпретседател на Беркшир, Чарли Мангер, го гледаше БИД главно како играч на пазарот на батерии за електрични автомобили.

На гостување во телевизијата Блумберг во мај 2009 година, тој кажа дека компанијата работела на „една од најважните теми што се важни за технолошката иднина на човештвото“. Фамилијата на Мангер инвестирала во компанијата уште долго пред Беркшир. Во интервјуто во ноември, неколку недели пред да почине, тој кажа дека своевремено го разубедувал Ванг од намерата да вложи во бизнисот со автомобили.

БИД во 2003 година купи пропадната државна фабрика за производство на автомобили и во 2008 година почна со продажба на својот прв модел со приклучен хибриден погон Ф3ДМ. Новинар од Њу Јорк Тајмс коментираше дека дизајнот на автомобилот бил „трендовски како Тојота Корола од 2000-та година“. Компанијата во првата година продаде само 48 примероци од моделот.

Тоа е периодот кога Кина воведе субвенции за купување автомобили со приклучен хибриден погон. Субвенциите прво важеа на територија на градови и провинции, за подоцна да почнат да се применуваат на национално ниво. Државата ги ослободуваше возилата од данок, им исплаќаше субвенции на производителите, го помагаше истражувањето и развојот, овозможуваше земјиштето да се купи поевтино и даваше заеми по поповолни услови.

Како еден од малкуте производители на автомобили со сопствено производство на батерии, БИД се најде во одлична позиција за да ја искостисти помошта

Пред да почне со производство на автомобили, БИД беше прв кинески снабдувач на литиум кон за Моторола и Нокиа во 2000-те години. Брзо по Ф3ДМ следеше и првиот електричен автобус. Намерата беше преку вложување во сегменти во коишто на возилата им се потребни многу батериски ќелии, да се дојде до пониска цена на батериите, и на крајот, до пониска цена на електричните автомобили.

„БИД беше чудо“, кажа Мангер во епизода на еден подкаст што се емитуваше во октомври. Тој го нарече Ванг гениј, кажувајќи дека спречил компанијата да банкротира, воведувајќи 70-часовна работна недела и опишувајќи го како фанатичен инженер. „Човекот во БИД подобро ги работи нештата од Илон,“ опиша Мангер.

По деценија и пол во производство на автомобили, БИД успеа цените на хибридните и електричните автомобили да ги донесе до нивото на автомобили со обичен погон. Единствено што им недостигаше на автомобилите беше дизајн.

Во 2016 година, за главен дизајнер беше поставен Волфганг Егер, кој пред тоа работеше за Ауди и Алфа Ромео. Во компанијата беа регрурирани и главниот каросериски дизајнер на Ферари и главниот дизајнер за ентериери во Мерцедес-Бенц

Во времето кога Кина испрати покана до Тесла, за изградба на првата фабрика за автомобили што во целост е во сопственост на странска компанија, БИД во својата понуда вклучуваше и луксузни модели. Најскапиот модел, кросоверот Јангваг У9, чинеше 152.600 долари.

Тимот на Пол Гонг, шеф на одделението за автомобили на Ју-Би-Ес во Кина, пред извесно време целосно ја расклопи лимузината БИД Сил и утврди дека нејзиното производство е за 25 проценти поевтино отколку кај конкуренцијата. Гонг предвидува дека кинеските производители ќе држат една третина од светскиот автомобилски пазар во 2030 година.

Тесла во моментов заработува многу повеќе од БИД. Аналалитичарите во Бернштајн очекуваат дека таа разлика драстично ќе се смали во 2024 година – за Тесла се предвидува промет во висина од 114 милијарди долари, за БИД 112 милијарди долари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мерцедес прави вештачката интелигенција да биде новиот луксуз

Абарт 595: Секогаш на пол позиција во градот