Брзината е девалвирана категорија по градските улици. Долгите каросерии се секојдневно мачење. На крајот, не сака секој неговото движење со спортскиот автомобил да биде забележувано на секој метар – освен од познавачите. Кога ќе се биде свесен за сето тоа, Абарт е шармантна автомобилска сорта.
Пред шест децении се отвори уште едно важно поглавје на италијанските автомобили. Фирмата што изработуваше тркачки автомобили и учествуваше на сите трки, Абарт, излезе пред публиката на салонот во Торино во есента 1963 година со Фиат-Абарт 595. Марката на Карло Абарт, со шкорпионот што е неговиот хороскопски знак, дотогаш имаше изградено големо име на сцената на мотоспортот и добиваше масивна сума пари од Фиат, за секоја победа постигната со тркачки автомобил базиран на модел од торинската марка.
Абарт 595 го користеше како основа прочуениот Фиат 500 Д. Различната бројка кај Абарт доаѓа од работната зафатнина на моторот. На двоцилиндарецот од 500 Д му беше зголемен одот и пречникот на клиповите, соодветно беа вградени други клипови и клипници, беше олеснето коленастото вратило, беа исполирани и проширени каналите во главата на моторот, беа истенчени вентилите и преработени нивните седишта, за сето тоа да биде крунисано со брегасто вратило со поостри профили и со карбуратор со две грла Солекс, за трипати поголем автомобил. Тоа во 1963 година резултираше со 28 КС.
Поважно беше тоа што моторот брзо ги качуваше вртежите. Тркачка машина. Овој класичен начин на преработка од италијанскиот маестро Карло Абарт стана библија на тјунингот. Некој да прашаше возач на Фиат во 1980-те и 1990-те години, вклучувајќи ги посебно просторите на некогашната ју-држава, како се тјунира автомобил, детален одговор ќе добиеше веројатно во 99 проценти од случаите.
На инженерите на Абарт по неколку месеци им успеа блокот на 500 Д да го донесат до 695 сантиметри кубни (реално 689). Тоа достигнување му беше претставено на светот веќе во следната пролет по премиерата на „595“, во март 1964 година, на салонот во Женева, во форма на Абарт 695.
Затоа сцената денес ги има Фиат 595 и 695. Двата модели денес поседуваат ист мотор, 1,4-литарски четирицилиндарец со турбонатполнење (Гарет). Во првиот случај се добиваат на располагање 165 КС, во вториот 180 КС.
View this post on Instagram
Италијанците не треба да се учат за историјата и за тоа како да ја почитуваат. Абарт 595 е верен на претходникот од пред шест децении во секој детал. Во многу подрачја е додадено: Тркала од 17 инчи, двоен издувен систем со две хромирани цевки, рамка на магленките и ретровизори лакирани во боја на каросерија, внатре хромирани рачки на вратите со сатенска доработка, алкантара врз сводот над инструментите, издвоен бројач на вртежи, седишта со материјали како во Масерати, топчеста глава на рачката на менувачот – секако и таа со сатенски финиш, челични плочки врз педалите.
Не е сé во изгледот, туку има многу и во техниката. Предните дискови имаат пречник од 274 милиметри, назад 240 милиметри – сите вентилирани.
Крајната брзина од 218 километри на час и спринтот за 7,3 секунди до темпо сто се само бројки. Тие го даваат кредибилитетот за „595“ да изгледа вака.
Посебно поглавје се можностите да се стави сопствен печат. Торино нуди повеќе пакети, коишто понатаму може да се надградуваат. Пакетот Туризмо, меѓу другото додава капи на ретровизорите со изглед на хром со сатенски финиш, тркала од 17 инчи со препознатлив дизајн, специјален беџ и кожени седишта. За почитувачите на мотоспортот, Абарт своевремено понуди на располагање пакет Ф595, со издув Рекорд Монца Соврапосто – по две цевки лево и десно, плус копче за стишување, амортизери Кони напред, плус трет дизајн на тркалата.
Секако дека со завлегувањето во опциите на „595“ се доаѓа и во моментот кога се помислува на „695“.
Планот беше Абарт од годинава да премине на продажба само на електричната изведба на 500Е. Планот на фановите испадна подобар.
Неколку опции за Абарт 595
(цени од италијанскиот пазар)
- Црн покрив и рекорд-сива боја на каросерија 1000 евра
- Пакет Компетиционе (седишта Сабелт) 2500 евра
- Пакет Туризмо 1500 евра
- Пакет Тек (автоматска клима, радио Ју Конект) 1000 евра
Абарт 595 во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили што се во понуда на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
https://avtosalon.mk/listings/abarth-595/















