Техниката за автопилотирано возење ќе пристига од Bosch

bosch автопилотирано возење
Bosch е меѓу компаниите што масивно вложуваат во техниката за автопилотирано возење

По радарите и камерите за автопилотирано возење, што Bosch ги испорачува во сериското производство на автомобили, наскоро пристига и третиот член, таканаречен лидар. Станува збор за ласерски радар што ќе го овозможи највисокиот степен на „автопилот“. Се спомнува и драстично смалување на цената на техниката во блиска иднина.

Системот за спречување на блокирањето на тркалата при силно сопирање ABS, кој веќе и не се спомнува, исто како и стабилизацијата на возилото ESP, претставуваат најдобар пример за тоа. Овие системи за коишто некогаш се доплаќаше, денес се стандардна опрема во секој автомобил, од секоја класа. Истото ќе следи во блиска иднина и со толку најавуваната техника за автономно возење, односно со автопилотот во возилата.

Добавувачот Bosch веќе испорачува радари и камери за системите за автономно возење во денешните автомобили, конкретно за приспособливиот темпомат, за следењето лента, самостојното запирање и поаѓање при возење во колона, самостојното паркирање и уште бројни системи. Тука исто така станува збор за „автопилот“, но со понизок ранг. Bosch со влезот во новата година објави дека започнува развој на третиот систем, којто ќе го овозможи максималниот степен на автопилот.

Станува збор за лидар, кусо од light detection and ranging, односно за ласерски радар. Тој е неопходен за да функционира триото, заедно со камерите и радарите. Германскиот гигант во добавувачката бранша го развива првиот лидар за сериско вградување во автомобили. Ласерското мерење на растојанието е основа за автопилотот од нивоата 3 до 5. Лидарот ќе покрива и голема оддалеченост, но и кусо растојание, што значи ќе функционира ина автопат и во град.

Со влегувањето во сериско производство, цената на лидарот ќе се смали драстично, а со тоа ќе се овозможи и поширок круг купувачи да го изберат автопилотот како опција во своите возила

Истовременото работење на трите принципи на сензори гарантира до одредено ниво дека возењето ќе биде безбедно. Инженерите на Bosch тестираа во сите возни сценарија и во сите временски услови. Пример: Кога мотоцикл со висока брзина наидува кон автомобил со автопилот на крстосница, на камерата и на радарот им е неопходен лидар, заради верно детектирање на мотоциклот. Малата ширина на мотоциклот и пластичните облоги се проблем за радарот и тој не може сигурно да го „открие“ мотоциклот. Кај камерата е проблем тоа што во моментот може да паѓа светлина под лош агол или да има пречка пред неа. Затоа е неопходен третиот член, во случајов лидар.

https://photos.app.goo.gl/GL69WrH7GECsxcRq9

Лидарот функционира со мерење на времето што е потребно за ласерските импулси да се вратат од одреден предмет. На тој начин се одредува растојанието. Системот работи со висока резолуција, голем досег и со широк агол на покривање. Ласерскиот радар открива и предмети како камен на патот, па автопилотот може да ја обиколи пречката или да запре.

Bosch со години произведува ултразвучни, радарски и камерни сензори, кои се вградуваат во бројни автомобили. Со вклучувањето на техниката за автономно возење, Bosch лани го зголеми прометот за 12% на две милијарди евра.

https://www.youtube.com/watch?v=8IRA6FPoaJU

Претходна објаваКористените автомобили поскапуваат меѓу 250 и 1.500 евра со новиот данок
Следна објаваПример од Берлин: Ограничувањето на 30 km/h ја смалува загаденоста

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here