Германските еколошки здруженија го обвинуваат BMW дека користел посебен уред за контрола на издувните гасови. Министерството за сообраќај побара од надлежните институции да го истражат случајот.
Германското министерство за сообраќај ќе постапува според обвинувањето од страна на еколошките здруженија во земјата против BMW. Според еколозите, возилата на баварската марка имаат слаб квалитет на издувните гасови. На сопствените тестирања од страна на Германското здружение за заштита на животната средина, се покажало дека производителот на автомобили го регулира пречистувањето на издувните гасови преку недозволен уред. Тоа го порекнуваат во BMW и посочуваат на валидните тестови од останатите организации.
Измама со издувните гасови во BMW 320d
Конкретно се работи за BMW 320d од 2016 година, коешто според Здружението испуштало многу поголема количина на штетни азотни оксиди од дозволеното. Станува збор за тестирање во реални услови на возење, место на пробна рампа, во услови што се далеку од секојдневието и оставаат голем простор за манипулација од страна на производителите.
Еко-здружението добило јасни симптоми дека во возилото постои недозволен уред за контрола на издувните гасови. Уредот комплетно ја исклучува рециркулацијата на издувните гасови уште при 2.500 вртежи, што одговара на брзина од околу 70 километри на час во третиот степен, односно 112 km/h во петтиот степен. Од BMW категорично ги одбиваат обвинувањата и соопштуваат дека нивните возила ги исполнуваат законските прописи и не се манипулира со издувните гасови.
Германските еколози тврдат и натаму дека Opel мами со дизелите
Медиумите во земјата веќе го имаат вклучено алармот, а меѓу нив се и тв-каналот ZDF и дневниот весник „Дер Тагесшпигел“. Прекумерната емисија на азотните оксиди од возилата со дизел мотор, коишто се штетни по здравјето, веќе одамна се жешка тема.
Прописите дозволуват исклучување на рециркулацијата на издувните гасови
Прописите дозволуваат исклучување на рециркулацијата на издувните гасови, кога постои опасност од оштетување на моторот. Производителите ја злоупотребуваат оваа „дупка во законот“ и вградуваат недозволени уреди.
Случајот со BMW е само продолжение на дизел-аферата, којашто започна со Volkswagen, за потоа да се утврди дека практично сите германски концерни се вмешани во „заговорот“. Производителите, имено, со години користеле и заеднички добивале од добавувачите поддимензионирани системи за пречистување на издувните гасови – со цел да минат поевтино.
ЕУ во меѓувреме реагираше и од септември годинава воведе построги норми за мерење на потрошувачката на гориво, којишто се поблиску до реалното возење. Со тоа се стесни и просторот за манипулација од страна на производителите на автомобили.
















