BMW ќе произведе повеќе електрични возила отколку што се планираше првично. Тоа го најави извршниот директор Оливер Ципсе. „Уште еднаш драстично ќе ја зголемиме продукцијата на електрични автомобили“, изјави Ципсе за германските медиуми.
Во периодот од 2021 до 2023 година, BMW ќе произведе за една четвртина повеќе електирчни автомобили отколку што беше планирано претходно. Уделот што автомобилите со погон на струја ќе го имаат во вкупната продажба на BMW во следните три години ќе се зголеми двојно. Од осум проценти удел годинава, електричните автомобили во 2023 година ќе го зголемат учеството во вкупната продукција на BMW на 20 проценти.
Според шефот на BMW, главниот предзизвик за електрификацијата на патниот сообраќај е во бавната изградба на мрежата од полначи. „Во Германија во 2030 година ќе сообраќаат меѓу седум и десет милиони електрични возила по патиштата. Бидејќи секој автомобил мора да се полни, потребни се меѓу осум и единаесет милиони полначи. Од нив, еден милион треба да бидат јавно достапни полначи“, порачува Ципсе. За тоа да се постигне, почнувајќи од денес, секоја недела мора да се пуштаат по 15.000 приватни и по околу 1.300 јавни полначи. „Уште сме многу далеку од тоа“, резимира шефот на концернот од Минхен. Ципсе е загрижен дека електро-офанзивата на BMW ќе се сопнува од недоволната изграденост на мрежата од полначи.
Германските марки држат четири петини од светкиот пазар на премиум автомобили
Првиот човек на BMW е со самоуверен став во поглед на пионерот на електричните автомобили Илон Маск, со неговата марка Tesla. Калифорниската компанија моментно гради фабрика во близина на Берлин. Ципсе ја признава „исклучителната претприемачка моќ“ на Маск, но нагласува и дека германските производители држат 80 проценти од светскиот пазар на премиум автомобили и не планираат да го препуштат тој удел.

„Да ги погледнеме бројките од првите единаесет месеци од годинава во Германија: Според нив, 11,9 проценти од сите продадени автомобили имаат приклулок за струја, што значи дека или се чисто електрични автомобили или се приклучни хибриди“, посочува Ципсе. „Од овие 11,9 проценти, 0,5 процентен бод му припаѓа на Tesla. Наспроти тоа, BMW има 1,1 процентен бод, што е двојно повеќе.“
















