за

Сцената вели едно, пазарот друго: BMW X7 е грд и се продава одлично

Ако се цени според коментарите на сцената, BMW е грд, има огромна маска и нема иднина со тој дизајн. Купувачите на BMW велат друго, X7 е најпродаваниот меѓу најскапите модели што ги нудат Баварците.

Купувачите на BMW можеби не го гледаат во дизајнот на баварската марка тоа што го гледаат сите. Така веројатно се објаснува фактот што BMW X7 со џиновската исправена маска стана најпродаван луксузен модел на Минхен. Менаџментот е охрабрен, новото моделско годиште на луксузниот СУВ изгледа уште порадикално.

Минхен има нов X7 и многу тешко ќе биде тој да не се познае на улица кога ќе се појави. Тоа очигледно им се допаѓа на купувачите во овие времиња кога светот повеќе не остава место за предрасудите. Исто како што возачите на електрични автомобили сакаат нивниот автомобил да се двои во уличната слика, така и сопствениците на автомобили од луксузната класа сакаат нивниот автомобил да биде различен. Тоа е светот на луксузот и така функционира тој свет.

BMW X7 доаѓа со впечатлив дизајн на носот, со нов спортски пакет М, првпат модел на баварската марка може од фабрика да излезе со тркала од 23 инчи, има нова генерација на iDrive, што доаѓа заедно со заоблен дисплеј и со BMW Оперативен систем 8. Сериската опременост е збогатена уште толку, а трите мотори што стојат за избор се комбинирани со 48-волтен стартер-генератор, односно работат како благ хибрид.

Минхен вели дека новиот X7 е централен елемент во моделската стратегија на најексклузивните модели што ги нуди BMW. Производството е во Спартанбург, САД, испораките ќе стартуваат во август.

Целта на дизајнерскиот радикализам е BMW X7 јасно да ја прикаже припадноста во семејството најексклузивни модели на марката. Нагласокот е ставен на традиционалните елементи на BMW, односно на двојните светла и на бубрезите. Тие укажуваат на исправената става на возилото и прават појавата на автомобилот да биде уште позабележлива.

Првпат во новиот BMW X7 се користат дводелни светла. Горе се позициското и дневното светло, заедно со трепкачите. Долу се сместени собореното и долгото светло, во темно куќиште, поставени длабоко во браникот. Тие визуелно се повлечени и се забележуваат само кога се вклучени. Новите приспособливи матрични ЛЕД-светла сега ја преземаат и функцијата на магленки за лошо време.

Посебен печат става децентното „водопадско“ осветлување на бубрезите. BMW Iconic Glow бубрезите се стандард кај топ моделот BMW X7 M60i xDrive, а опција се во останатите изведби.

Назад главен печат поставуваат тридимензионално моделираните и впечатливо тенки светла. Елегантната хромирана лајсна меѓу светлата, кај новиот X7 е поставена под стаклена облога.

Опција е спортски пакет M што дополнително ја нагласува динамиката на BMW X7. Ексклузивно за М-моделите е достапен лак М Марина Беј Блу. Нова боја е бакарно сива металик.

Предните седишта сега стандардно располагаат со грејачи, за средниот ред може да се нарача и изведба со две комфорни седишта, место три. X7 е седумсед, значи има место за уште двајца патници во третиот ред седишта. Стандард се и кожените седишта и уште бројните кожени површини. Мерино кожата е „производ“ на BMW Individual. Надвор од Европа се испорачува „сензафин“, квалитетен вегански материјал што личи на кожа.

Арматурната табла е редизајнирана, со нова форма на отворите за воздух и лајсна за амбиентално осветлување што сега е стандардна опрема. Заедно со заоблениот дисплеј, тоа создава модерен стил со силен печат на дигитализацијата. Многу ефекти се постигнуваат со амбиенталното осветлување, тоа е главно во кабината.

Секој BMW X7 излегува од фабрика со 4-зонска автоматска клима, триделен стаклен покрив и аудиофилско озвучување, исто како и со комфорни предни седишта, спортско кожен волан со рачки за контрола на менувачот и нова преграда за безжично полнење телефон.

Врв во понудата од мотори е нов 4,4-литарски V8 во BMW X7 M60i xDrive, што е произлезен од моделите со високи перформанси на M GmbH. Понудата на моторот се 530 КС и 750 њутнметри. Нов линиски шестцилиндарец работи во X7 xDrive40i, со бројни новини во согорувањето, размената на гасови, управувањето со вентилите, впрскувањето и палењето, што одат во корист и на перформансите, и на штедливоста. Моќноста е 380 КС, вртежниот момент порасна на 520 Nm (+47 КС и 70 Nm во споредба со претходникот).

Усовршен е дизелот во X7 xDrive40d со 352 КС и 700 Nm, односно 720 Nm при активирање на благиот хибриден погон. Стартер генераторот во сите три моделски изведби е вграден во куќиштето на менувачот, со 12 КС и 200 Nm. Менувачот во сите три случаи е 8-степен Steptronic, со спринг-функција.

Пневматската амортизација е стандард, а во M60 дополнително работи интегрално активно управување и систем против наведнување на каросеријата. Подвозјето е дотерано од ново, за поголем распон меѓу спортско возење и комфор.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-Benz EQS е најдобар луксузен автомобил во светот

Porsche во првото тримесечје продаде 68.426 возила, четвртина во Кина