Производителот на автомобили BMW планира значително да ја зголеми продажбата на своите автомобили до крајот на деценијава. „Сакаме уште во оваа деценија на клиентите да им испорачуваме три милиони автомобили годишно“, изјави шефот на BMW, Оливер Ципсе, во интервју за германскиот Менаџер Магазин.
Лани BMW продаде 2,3 милиони автомобили од своите три марки BMW, Mini и Rolls-Royce, а една година пред тоа беа 2,5 милиони примероци. „И нема да чекаме трите милиони да ги достигнеме дури во 2029 година“, изјави Ципсе.
Високата продажна цел подолго време се спомнуваше во внатрешните кругови во концернот. Со неа ќе се провоцира и конкуренцијата од Daimler, кој со својата премиум марка Mercedes-Benz во продажбата во светски рамки веќе неколку години е пред минхенскиот ривал.
Ципсе најави дека планира и во иднина да постигнува повисок раст од просекот на целата бранша. „Понудувачите на висока технологија, каков што е BMW, во минатите години напредуваа многу подобро отколку основниот сегмент. Тоа ќе продолжи, посебно во Азија“, изјави менаџерот.
Германските производители на автомобили добро ја минаа корона-кризата и повторно бележат раст, првенствено поради добриот бизнис во Кина. Моментно во земјата одлично се продават првенствено поскапите модели од Mercedes, BMW и Audi.
















