
БМВ доби средства од баварската покраина и од сојузната каса за да продолжи со развојот на технологијата на водороден погон со горивни ќелии. Новата раздвиженост околу водородниот погон има едно име – Кина.
Групацијата БМВ доби 273 милиони евра од Сојузното министерство за сообраќај и од Баварското министерство за економија, економски развој и енергија, обезбедени преку европската иницијатива ИПЦЕИ (Важни проекти од заеднички интерес на Европа). Средствата се наменети за проектот Хај Пауер Драјв, за развој на водороден погон.
БМВ почна да работи на тестирање и развој на водороден погон со горивни ќелии уште долго пред светот да насети дека еден ден браншата масовно ќе се префрли на батериски електричен погон. Техниката уште одамна е развиена во Минхен до ниво што е блиску до сериско производство. Со сегашниот чекор на властите, технологијата доаѓа уште поблизу.
Сојузниот министер Патрик Шнидер, цени дека „БМВ со Хај Пауер Драјв ја зајакнува технолошката разновидност и конкурентноста на Германија, како производител на автомобили.“
Поконкретен околу целта на големата инвестиција е баварскиот премиер Др. Маркус Зедер: „Го потпомагаме истражувањето нови технологии, место со многу пари да субвенционираме застарени индустрии. Единствено иновацијата ќе обезбеди создавање дополнителна вредност и работни места во нашата земја на подолг рок. Не смееме да се откажеме од автомобилите и да им ги препуштиме на конкурентите, како Кина.“
Процената е дека истражувањето ќе отвори 2.500 работни места, вклучувајќи ги останатите видови одржлив погон.
Главниот човек за развој на нови технологии во БМВ, Јоаким Пост, секако дека ја има веста што најмногу ја засега сцената. Тој најави дека следната генерација на СУВ-моделот од виша класа, Икс 5, ќе биде достапна со пет видови погон. Тоа секако се бензински и дизел погон, хибриден, батериски електричен и водороден електричен погон. Новиот модел доаѓа во 2028 година, потврди Пост.
Се работи за трета генерација на водороден погон со горивна ќелија – се напоменува тој принцип на работа, затоа што постои и друго решение, кога водород се впрксува во комори за согорување на мотор што е блиску до класичен бензинец. БМВ при развојот соработува со корпорацијата Тојота Мотор.
Низ годините се постигна напредок во смалувањето на погонот, зголемување на моќноста и подобрување на штедливоста. Сето тоа значи дека со полни боци водород се вози подолго, подинамично и со пониска потрошувачка.
БМВ Икс 3 на тестот во Аутомедиа
Сопствените развојни центри на БМВ во фабриката во Штајер и во Минхен, веќе одамна ги имаат изработено првите прототипи што се пуштени во јавен сообраќај. Компонентите ги произведува фабриката во Ландсхут.
Предноста на водородниот погон со горивна ќелија е во тоа што нема емисија на ЦО2 и какви било штетни материи, но главното е во тоа што полнењето водород трае исто колку полнење бензин. Досегот е ист со бензинец или дизел. А, тука веднаш се надоврзува и клучниот проблем: Светот нема доволно станици што точат водород.
Едно е извесно. Батериските електрични автомобили и водородните електрични автомобили, ќе опстојуваат едно покрај друго, како бензинот и дизелот.















