за

BMW i4 е електрична „тројка“

BMW i4 и BMW iX се клучни модели во целта на групацијата од Минхен, половина од продажбата да отпаѓа на целосно електрични модели во 2030 година.

BMW одлично ја прикажува брзината со којашто се случува преоѓањето во ерата на електричните автомобили. Додека некои „критичари“ уште оценуваат дека бубрезите во маската на BMW се преголеми или техно-кросоверот BMW iX е „утка“, вистинските промени кај двоецот BMW i4 и iX се случија многу длабоко под површината.

Бидејќи е време на ефикасност и рационалност во автомобилската бранша, и ние ќе го следиме примерот, па новиот BMW i4 ќе го претставиме без вообичаените „приказни“. Чисто факти:

BMW i4 е првиот електричен автомобил на марката, којшто е создаден со цел да понуди врвни возни својства. Електричниот погон на Баварците првпат е достапен во модел од средната класа.

BMW i4 соединува спортска нота што е својствена за марката, со батерија што дозволува долги патувања, со елегантен дизајн, просторна внатрешност и практичност на Gran Coupé со 4 врати.

Почеток на продажба во ноември 2021 во две моделски изведби: BMW i4 M50 во улога на прв електричен автомобил со високи перформанси на BMW M GmbH со 400 kW / 544 КС, погон на сите тркала и досег до 510 километри според WLTP, и BMW i4 eDrive40 со 250 kW / 340 КС, заден погон и досег до 590 километри според WLTP.

New item by Automedia MK / Google Photos

Конфликтот меѓу спортска нота и комфор за долги релации се надминува на начин својсствен за BMW: Со ефикасна погонска технологија и интелигентна лесна конструкција, за постигнување врвни возни својства и долг досег, без големи и тешки батерии.

Платформата е флексибилна и наменета е само за електричен погон. Меѓуоскиното растојание е долго, трагата на оските е многу широка. Каросеријата е лесна, а крута. Коефициентот на отпор на воздуиј изнесува CW 0,24.

Ново конципирана предна оска со двојни зглобови и задна оска со пет водилки. Амортизери зависни од амплитуда на удар и пневматска амортизација на задна оска се стандард.

New item by Automedia MK / Google Photos

BMW i4 M50 поседува посебно приспособливо подвозје M, варијабилно спортско управување, М спортски сопирачки, а опционлно и тркала од лесна легура големи до 20 инчи.

Технологијата BMW eDrive од петтата генерација се одликува со интегрирање на електромоторот, трансформаторската секција и преносот, заедно со најнова технологија на батериски ќелии. Електромоторите се конструирани како синхрони мотори со струјна побуда. Соодносот меѓу моќноста со тежината изнесува до 2,14 kW/kg.

BMW i4 M50 располага со Boost-функција за екстремна моќност на двата електромотори, со максимален системски вртежен момент од 795 Nm. Спринтот до 100 km/h трае 3,9 секунди. BMW i4 eDrive40 постигнува максимален вртежен момент од 430 Nm, спринтот трае 5,7 секунди.

New item by Automedia MK / Google Photos

Посебно создаден звук за моделот, со посилен и енергичен звук кај BMW i4 M50. При доплата за BMW IconicSounds Electric се добиваат звучни варијанти што се компонирани од Ханс Цимер, познат композитор на филмска музика.

Батеријата е конципирана само за BMW i4 и се одликува со исклучително мала висина од само 110 милиметри. Тежиштето на возилото е за 53 милиметри пониско во споредба со серијата 3 на BMW. Капацитетот на батериајта е 83,9 kWh.

Може да се вози со една педала, а по потреба може да се користи и функција на „едрење“ зависно од ситуацијата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Топлинска пумпа се грижи за ефикасно греење и ладење на кабината, на батеријата и на погонот.

Можност за користење брз полначи со моќност до 200 kW. Во тој случај, за 10 минути се полни енергија за 164 (BMW i4 eDrive40) односно 140 километри (BMW i4 M50).

Целиот преден дел е затворен, а во впечатливите BMW-бубрези се вградени камерите, радарите и сензорите. Опција за ласерски светла.

Стакла со звучна изолација, греење и ладење во место, спортски седишта и спортски волан се стандард. Големиот заден поклопец стандардно се отвора со помош на електромотор. Зафатнината изнесува 470, односно 1.290 литри. Можност за влечење приколка тешка до 1,6 тон.

New item by Automedia MK / Google Photos

Премиера на новата генерација на системот за ракување BMW iDrive. Ракувањето главно се врши преку допирање на новиот заоблен дисплеј, како и со говорни команди. Дигитални инструменти од 12,3 инчи и средишен дисплеј од 14,9 инчи. Оперативен систем BMW 8.0.

Автоматски клима уред со нов начин на ракување преку дисплеј на допир и интегриран филтер со нано-влакна.

Производство во фабриката во Минхен и изработка на батеријата со 100% еко-струја. Широк обем на примена на секундарни суровини, како и природни и рециклирани материјали. Поради посебната конструкција, во електромоторите не се користат ретки метали.

Цените во Германија

New item by Automedia MK / Google Photos
  • BMW i4 eDrive40 58.300 €
  • BMW i4 M50 69.900 €

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот автомобил на Мате Римац се вика Невера

skoda octavia 4

Octavia, A-Class, Tiguan, најпродавани модели во Швајцарија