BMW во иднина ќе нуди три различни видови на погон во своите најпродавани моделски серии. Верзии со класичен мотор, хибриден и електричен погон ќе им стојат на располагање на купувачите.
Најпродаваните моделски серии на BMW во иднина ќе бидат достапни со три различни видови на погон: Со класичен мотор во внатрешно согорување, со плагин-хибриден и електричен погон. Сите три погонски варијанти ќе се произведуваат на иста лента. На тој начин ќе се постигне поголема флексибилност во производството и побрзо ќе се реагира на побарувачката на пазарот.
Производителите не можат да предвидат колку точно автомобили со погон на струја ќе продаваат во 2020 или во 2025 година. Истото важи и за моделите со класични мотори или плагин-хибриден погон. Според BMW, единственото решение е да се нудат сите три погонски видови.
Први модели на BMW со три погонски варијанти ќе бидат X3 и серијата 3
Тоа што BMW сака да го избегне со новата погонска стратегија е мирување на фабричките ленти кога опаѓа пазарниот интерес за одреден вид на погон. Платформите што ги развиваат Баварците предвидуваат моделите да располагаат со сите три погонски варијанти. Први модели според овој принцип се X3 и серијата 3. Електричната верзија на X3 стартува со продажба во 2020 година, додека серијата 3 е можно да се појави и една година порано.
Два од три премиум-автомобили во светот се Mercedes, BMW или Audi
Производството во фабриките на BMW досега беше организирано според видот на погон. Моделите i3 и i8 излегуваат од посебни ленти во Лајпцих. Намерата е во иднина да се избегне овој принцип на фабрика во фабрика. Покрај тоа, производството на батерии исто така ќе се организира во близина на фабриките, затоа што батериите се тешки и нивниот транспорт е скап.
Верзиите од теренецот X5 со хибриден и класичен погон веќе се произведуваат на иста лента во фабриката во Спартанбург. Истото може да се изведе и со електричниот погон. Во американската фабрика BMW досега има произведено околу 25.000 примероци од X5 со плагин-хибриден погон.
















