Porsche им пресметува 5.000 евра попуст на сите сопственици на стари дизели што ќе ги заменат своите возила со нов автомобил од марката. Според соопштението од Штутгарт, акцијата важи во цела Европа и трае до завршетокот на годинава.
Porsche има понуда што е тешко да се одбие. Во екот на нападите врз дизелите на концернот од Волфсбург, спортската марка стартува со продажна кампања во којашто новите возачи на Porsche добиваат попуст од 5.000 евра. Сите сопственици на стар автомобил со дизел мотор, со класа на емисија од Еуро 1 до Еуро 4, ќе го добијат овој попуст при купување модел со четири врати од Porsche. Кампањата е замислена како придонес на марката кон животната средина, заедно со останатите марки од концернот.
За десет проценти пониска цената на најевтиниот модел со четири врати на Porsche
Најевтин модел со четири врати на Porsche во моментов е Macan, чијашто основна изведба во ценовникот за германскиот пазар чини 47.280,67 евра, без ДДВ. Петте илјади евра би донеле попуст од близу 10 проценти во крајната цена. Според соопштението од Штутгарт, старите дизели ќе „бидат на цена“ до 31-ви декември и тоа важи за целиот европски пазар, за сите марки и сите модели. Соопштение од македонскиот огранок на дилерската мрежа уште не е издадено.
Кампањата, во секој случај, не е од „козметички тип“. Возилата со класа на емисија до Еуро 4, на германскиот пазар и слични еколошко совесни пазари, обично вредат најмногу 1.000 евра. Повеќето од возилата не вредат ниту половина од тоа, затоа што даночните закони предвидуваат скапи давачки поради нивната еколошка непогодност и тоа им ја урива цената на пазарот.
Дијаметрално спротивна е ситуацијата на македонскиот пазар, кадешто вредноста на овие возила им расте најмалку трикратно. Сосем е извесно дека серијата акции од повеќето автомобилски марки на европскиот пазар ќе донесе нов бран евтини, но подеднакво „нечисти“ автомобили во регионов.
















