Кон средината на јули ќе биде позната локацијата на којашто BMW ќе ја гради новата фабрика во Мексико. Фабриката со капацитет за 100.000 возила годишно ќе почне со работа по три години.
Стратезите на BMW во следните два месеца ќе решаваат дали новата фабрика ќе се гради на територијата на сојузната мексиканска држава Хидалго или Сан Луис Потоси. Првата опција има поголеми шанси за избор, поради близината на Пуебла, кадешто постои добро изградена мрежа од добавувачи за автоиндустријата. Во близина е и Мексико Сити, што го олеснува обезбедувањето на квалификувана работна сила.
За фабриката во Мексико се предвидува годишен капацитет од 100.000 возила од средната класа на BMW, а нејзината изградба би завршила најдоцна за три години. Целта на BMW со изградбата на втората фабрика во регионот НАФТА е зголемување на предноста пред конкурентот Audi. Неодамна Баварците објавија дека ќе ја зголемат продукцијата во фабриката во Спартанбург за 50 проценти, на 450.000 возила годишно. Со тоа, ова фабрика во американската сојузна држава Јужна Каролина ќе стане најголема фабрика во рамките на групацијата BMW. Лани сино белата марка продаде 340.990 возила во САД, додека конкурентот Audi ја заврши годината со 190.300 возила.
















