Специјалистот за градежна механизација Liebherr разви камион – мешалка за бетон кој вози со електричен погон. Првите испораки на електричниот камион се планираат за наесен.
Liebherr го разви првиот камион – мешалка за бетон со електричен погон, со барабан со зафатнина од 10 или 12 метри кубни и со шасија со пет оски. Првите примероци се нарачани од швајцарските компании Holcim и Kibag. Конструкцијата е посебно наменета за Швајцарија, затоа што во земјата е дозволено да сообраќаат возила со 40 тони вкупна дозволена тежина и со пет оски.
Подготовката на бетонот во базите е чиста и не е штетна за животната средина, бидејќи во нив се користи електрична енергија. Но, тоа не важи и за транспортот на бетонот до градилиштето. Тоа досега се вршеше класично, со камиони со моќни дизели, кои испуштаат голема количина штетни материи и се гласни.
Растојанието од базите за бетон до градилиштата обично е кусо и нема проблем околу досегот на електричниот погон
Новите бетономешалки со ознака ETM 1005 и 1205 се изработени врз шасија од фирмата Futuricum и возат чисто на струја, без емисија и тивко. Бидејќи растојанието од базите за бетон до градилиштето обично се куси, нема проблем со релативно малиот досег на погонот на батерии. При враќањето во базата, не е потешкотија да се постават полначи за камионите.
Погонската единица што се користи на шасијата Futuricum располага со моќност од 680 КС. Погонот е развиен во соработка меѓу Liebherr и ZF. Батеријата на камионот се користи и за погон на возилото и за бетономешалката. Тоа ја намалува цената. Уште една предност е тоа што електромоторот за бетонометалката е во директна спрега со барабанот, со што се избегнува хидраулика, а со тоа и скапо одржување, како и проблеми со протекување.
















