за

Вака изгледа конструкцијата на батерија на електричен автомобил

Вака изгледа конструкцијата на батерија на електричен автомобил
Вака изгледа конструкцијата на батерија на електричен автомобил

Досег од околу 400 километри веќе преоѓа во вообичаена вредност кај новите генерации електрични автомобили. Батериската техника напредува постојано, цената за киловатчас опаѓа, а во исто време се постигнува и поголема енергетска густина, односно помала батерија содржи повеќе енергија. Но, како изгледа внатрешноста на батеријата во електричните автомобили?

Автомобилите со погон на струја се ослободуваат од своите најголеми ограничувања, односно од разликите во споредба со секојдневието со обичен автомобил. Досегот на новите модели на струја, надвор од „суперелектичарите“ од рангот на Tesla Model S, се движи меѓу 350 до 400 километри во реални услови на возење, а во исто време се смалува ценовната разлика со обичните модели со бензински или дизел мотор. За последново секако дека во голема мера придонесуваат субвенциите што ги предвидуваат бројни држави ширум светот.

Новите модели на струја ја поседуваат и неопходната техника што им овозможува користење на брзи полначи со еднонасочен напон. На пример, на полнач со моќност од 100 киловати, батеријата на возилото за само половина час полни енергија за следните тристотини километри пат. Сето тоа е „работа“ на батеријата, срцето на електричниот автомобил.

Батерија како табла чоколадо; Колку повеќе батериски модули, толку повеќе досег – и цена

Модерните автомобилски батерии однадвор личат на чоколадна табла. Основата на батерискиот систем ја сочинуваат литиум-јонски ќелии, какви што се вградуваат и во мобилните телефони или преносните компјутери. Оваа батериска ќелија е најмалиот составен елемент од батерискиот систем. Таа акумулира и оддава енергија. Повеќе батериски ќелии сочинуваат батериски модул. Тој денес се состои најчесто од 24 ќелии.

https://photos.app.goo.gl/VpgdytMR1M2dF8ua8

Понатаму варира бројот на модулите што се соединуваат во еден батериски систем. Доколку е потребно да се постигне поголем капацитет на батеријата, едноставно се додаваат дополнителни модули во системот. На тој начин може на пазарот да се понудат повеќе изведби од еден модел на електричен автомобил, кои се разликуваат според големината, односно капацитетот на батеријата, а соодветно на тоа и според досегот што го постигнува возилото. Секако, цената на возилото расте.

Пример за последново е Tesla, кадешто моделските изведби со поголем капацитет на батерија обично располагаат со повисока моќност – со дополнителниот електромотор воедно се постигнува и погон на сите тркала. Основната структура на батеријата сепак не се менува. Модулите се составуват во еден батериски систем со помош на високонапонска спојка. Напонот во системот обично изнесува 408 волти, што е значително повеќе од домашната мрежа, кадешто напонот е 220 волти.

https://photos.app.goo.gl/tB8DzZcxYhb1c8d38

Со високонапонскиот енергетски проток меѓу батеријата и електромоторот управува таканаречена енергетска електроника. Таа ја претвора еднонасочната струја од батеријата (DC) во наизменична струја (AC) којашто е потребна за работата на погонскиот електромотор. Во исто време, 12-волтната еднонасочна струјна мрежа во возилото се снабдува со низок напон, со помош на претворач DC/DC.

Сосем различен пристап при конструирањето и поголема флексибилност за инженерите

Констуирањето на современите електрични автомобили поаѓа практично од батеријата. Прво се одредува колкав капацитет на батерија ќе поседува возилото, па соодветно се предвидува простор во основната конструкција. Инженерите имаат голема слобода при натамошното изведување на конструкцијата, затоа што електромоторот, погонските компоненти и помошните агрегати имаат голема флексибилност во поглед на позиционирањето. Во комбинација со покомпактните димензии на компонентите на електричниот погон, во споредба со обичниот погон, се овозможува електричните возила при исти габарити на возилото да поседуваат повеќе простор за патници и за багаж.

Батеријата е поставена во алуминиумско куќиште со интегрирана рамка за заштита при судир, којашто овозможува висока цврстина, во комбинација со ниска тежина. Мазниот под, со заштита при удар оздола, исто така е уште една одлика на возилата со електричен погон, кој со мали интервенции се грижи за врвна аеродинамичност во тој дел од возилото.

Батериите за електрични автомобили за две години поевтинеле за третина

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новата фабрика на Kia во Индија ќе произведува 300.000 возила годишно

Новата фабрика на Kia во Индија ќе произведува 300.000 возила годишно

BMW priklucen na polnac

BMW со растечка продажба во ноември и електро-рекорд