Компанијата BAIC, петти најголем производител на возила во Кина, најавува крај за производството на возила со мотор со внатрешно согорување по 2020 година.
Моторите со внатрешно согорување ќе се користат во возилата на кинеската компанија BAIC уште само три години. Петтиот најголем производител на возила во земјата најави дека во моделите од сопствените марки повеќе нема да користи бензински и дизел мотори по 2020 година.
Овој радикален чекор ќе важи прво за продажната мрежа на територијата на Пекинг. Како што наведува агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на локални извори, моторите што работат на бензин или дизел, во 2025 година ќе исчезнат од моделите на BAIC на целата територија на земјата.
На овој начин производителот се подготвува за воведувањето квота за електрични автомобили што кинеската влада го најави за 2019 година. Секој производител на автомобили во земјата, по овој рок ќе мора одреден процент од своето производство да го покрие со електрични автомобили.
Развој на електрични возила со помош на Daimler
Холдингот на когошто му припаѓа BAIC, освен патнички автомобили произведува и товарни и воени возила. Компанијата располага со права за користење на технологијата на шведската марка Saab, коишто ги откупи од General Motors. Еден од поголемите акционери во BAIC е германскиот Daimler, со когошто веќе е потпишан договор за производство на електрични возила од почетокот на следната декада.
















