За да одговори на пазарните трендови и да ја одржи исплатливоста на купето и родстерот TT, Audi наскоро ќе воведе кросовер во стил на купе, како трета каросериска изведба во гамата.
Шефот за развој Улрих Хакенберг во изјава за медиумите на презентацијата на новиот TT во Марбеља потврди дека во гамата на спортското купе наскоро ќе следува трета каросериска изведба. На купето и родстерот ќе им се придружи кросовер во стил на студијата TT offroad concept што Audi ја прикажа на салонот во Пекинг во април годинава. Според Хакенберг, студијата „дава увид во тоа што би можеле да го видиме како нов модел во идното семејство на TT.“
Кросоверот на база на TT ќе придонесе да се одржи исплатливоста за производство на компактниот спортски автомобил на Audi. Пазарните аналитичари предвидуваат новата генерација на купето и родстерот да достигне продажба меѓу 40.000 и 42.000 примероци, додека претходникот достигна 56.000 примероци. Слабеењето на купувачкиот дух на повеќето пазари во Европа, како и менувањето на вкусот на купувачите ќе влијаат врз продажбата на TT. Голем е процентот на купувачи што се ориентираат кон растечкиот сегмент на кросовери, како возила што го рефлектираат нивниот стил.
Британската култна марка Mini е најдобар пример за тоа како од една каросериска изведба може да произлезе цело моделско семејство, коешто вклучува кабриолет, купе, кросовер, па дури и купе теренец. Mini достигна продажба од 300.000 примероци лани, иако годинава стартува новата моделска генерација. Третата генерација на TT Coupe ќе стартува со продажба есенва, додека родстерот чијашто премиера се очекува на салонот во Париз во следниот месец ќе биде лансиран на пазарот напролет.