
Прометот од јануари до март изнесува 15,43 милијарди евра, додека во истиот период лани беа постигнати 13,73 милијарди евра.
Остануваат прогнозите дека Ауди ќе ја заврши годинава со промет меѓу 67,5 и 72,5 милијарди евра, со оперативна маржа во опсег од 7 до 9 проценти.
Германскиот производител на 5-ти мај соопшти дека „не може целосно да се исклучат финансиските импликации од увозните царини, посебно во САД.“
Во прогнозите не е земено предвид влијанието од царините, како и од намалувањето на трошоците што Ауди го спроведува во Германија, каде што се скусуваат 7.500 работни места, со цел да се заштедат 1 милијарда евра на годишно ниво.
Во Европа е намалена маржата, притиска конкуренцијата во Кина
Ауди се соочува со намалена маржа во услови на забавена побарувачка во Европа и засилена конкуренција во Кина.
Оперативната маржа во првото тромесечје изнесува 1,5 процент, што е незначително подобрување во споредба со 1,1 процент во истиот период лани.
Од јануари до март се испорачани за 3,4 проценти помалку автомобили. Наспроти тоа, значителен раст од 30 проценти има во испораката на целосно електрични модели.
Во Северна Америка, не сметајќи го Мексико, Ауди испорача за 2,1 проценти помалку возила, односно 48.599 возила во првото тромесечје. Неколку модели треба наскоро да стартуваат во нова генерација. Во Кина, продажбата од 144.471 возила е за 7 проценти под првиот квартал лани. Таму се чувствува сé посилниот притисок од домашните производители.
Кинеските купувачи сé повеќе се свртуваат кон домашните марки, додека европскиот пазар е во мирување и додека трговската политика на претседателот Доналд Трамп се заканува врз продажбата на мошне профитабилниот пазар во САД.
Можност во САД да се произведуваат и електрични модели
Исто како спортската марка Порше, Ауди нема фабрика во САД. Најпродаваниот модел на германската марка таму, Ку-5, се увезува од Мексико.
До завршетокот на следната година, Ауди планира да пушти десет нови модели во САД. Се размислува и за локално производство. Во текот на годинава ќе биде решено околу локацијата, изјави директорот за финансии Јирген Ритерсбергер.
[the_ad id=”85764″]
Тој соопшти дека е можно во САД да се произведуваат и електрични модели на Ауди.
„Ќе им се посветиме целосно и на електричните автомобили, коишто и натаму ни се во центарот на вниманието, исто и во САД,“ изјави Ритерсбергер.















