Концептниот Audi E-tron quattro се појави за првпат на салонот во Франкфурт пред близу две години. Електричниот кросовер на Audi во меѓувреме созреа и ги вози завршните тестирања. Серискиот модел пристига веќе в година.
Audi го најави електричниот кросовер преку концептниот автомобил E-Tron quattro, прикажан премиерно на салонот во Франкфурт во септември 2015 година. Останува уште една година додека кросоверот стартува со сериско производство. Во меѓувреме, Audi E-tron quattro ги извозува завршните тестирања и со маскирана каросерија се појави по јавните патишта. Тоа ќе биде прв сериски автомобил со погон на струја на Audi и обид марката да го оправда слоганот „напредок преку техниката“.
Серискиот Audi E-tron quattro се откажува од агресивниот стил на студијата
Формата на претсерискиот прототип речиси не отстапува од концептниот автомобил од Франкфурт. Единствено се забележува дека отсуствуваат острите рабови што ја карактеризираа студијата. Маската е поширока и не делува толку агресивно. За светлата се подразбира дека ќе се користи напредна диодна техика.
Во стилот на каросеријата се препознава блага купеовска нота, но дозирана. Audi остава резерва за спортска изведба, којашто ќе ја носи ознаката E-tron Sportback quattro. Внатрешноста го следи примерот на штотуку претставениот Audi A8 и се откажува од секакви физички прекинувачи. Ракувањето е преку дисплеи, со полиња што вибрираат при допир, како потврда за активирањето на функцијата.
Два електромотора назад, еден напред и моќност од 385 КС
Продажбата на Audi E-tron quattro ќе стартува во 2018 година. Првата моделска изведба ќе располага со три електромотори – два назад, еден напред – со вкупна моќност од 385 КС. Подоцна ќе биде понудена послаба и поевтина изведба со по еден електромотор напред и назад. Секако дека се планираат и посилни верзии, со моќност од преку 400 КС.
Audi ветува многу и за можностите на технологијата за автономно возење со којашто ќе располага електричниот кросовер. Знаменосецот A8 докажува дека ветувањата не се напразни.
Со електричен кросовер наскоро ќе стартува и Mercedes, со специјализираната подмарка EQ. Во меѓувреме, сегментот му припаѓа целосно на Tesla Model X. Од следната година конечно ќе се знае дали германските марки можат да ја прекинат доминацијата на калифорнискиот електроспецијалист.



















