за

Зад оваа маска се наоѓа најлутиот конкурент на Tesla

Audi e-tron quattro

Концептниот Audi E-tron quattro се појави за првпат на салонот во Франкфурт пред близу две години. Електричниот кросовер на Audi во меѓувреме созреа и ги вози завршните тестирања. Серискиот модел пристига веќе в година.

Audi го најави електричниот кросовер преку концептниот автомобил E-Tron quattro, прикажан премиерно на салонот во Франкфурт во септември 2015 година. Останува уште една година додека кросоверот стартува со сериско производство. Во меѓувреме, Audi E-tron quattro ги извозува завршните тестирања и со маскирана каросерија се појави по јавните патишта. Тоа ќе биде прв сериски автомобил со погон на струја на Audi и обид марката да го оправда слоганот „напредок преку техниката“.

Серискиот Audi E-tron quattro се откажува од агресивниот стил на студијата

Формата на претсерискиот прототип речиси не отстапува од концептниот автомобил од Франкфурт. Единствено се забележува дека отсуствуваат острите рабови што ја карактеризираа студијата. Маската е поширока и не делува толку агресивно. За светлата се подразбира дека ќе се користи напредна диодна техика.

Audi e-tron quattro 1954

Audi e-tron quattro 3954

Во стилот на каросеријата се препознава блага купеовска нота, но дозирана. Audi остава резерва за спортска изведба, којашто ќе ја носи ознаката E-tron Sportback quattro. Внатрешноста го следи примерот на штотуку претставениот Audi A8 и се откажува од секакви физички прекинувачи. Ракувањето е преку дисплеи, со полиња што вибрираат при допир, како потврда за активирањето на функцијата.

Два електромотора назад, еден напред и моќност од 385 КС

Продажбата на Audi E-tron quattro ќе стартува во 2018 година. Првата моделска изведба ќе располага со три електромотори – два назад, еден напред – со вкупна моќност од 385 КС. Подоцна ќе биде понудена послаба и поевтина изведба со по еден електромотор напред и назад. Секако дека се планираат и посилни верзии, со моќност од преку 400 КС.

Audi e-tron quattro 4954

Audi ветува многу и за можностите на технологијата за автономно возење со којашто ќе располага електричниот кросовер. Знаменосецот A8 докажува дека ветувањата не се напразни.

Со електричен кросовер наскоро ќе стартува и Mercedes, со специјализираната подмарка EQ. Во меѓувреме, сегментот му припаѓа целосно на Tesla Model X. Од следната година конечно ќе се знае дали германските марки можат да ја прекинат доминацијата на калифорнискиот електроспецијалист.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Rolls-Royce policiski

Кој смее да има нешто против полициски Rolls-Royce?

Mercedes X-Class

Mercedes X-Class: Пикап за благородници што ‘рмбачат