Целосно електричната лимузина Ауди А6 Е-трон е најаеродинамичниот автомобил во целиот концерн Фолксваген, што му овозможува да постигне досег до 756 километри.
Лимузината А6 Е-Трон Спортбек и нејзината комби-изведба Авант се најновите модели во понудата на Ауди што ја користат платформата ППЕ (Премиум Платформ Електрик) на концернот Фолксваген, по кросоверот Ауди Ку-6 Е-трон.
Ауди за изведбата А6 Е-трон Спортбек наведува вредност на коефициентотот на отпор на воздух од 0,21, додека истиот кај Авант изнесува 0,24.
Аеродинамичноста доби уште повеќе на значење во ерата на електромобилноста. Производителите вложуваат напори да извлечат колку е можно поголем досег на електричниот погон. Воздушни завеси го насочуваат струењето на воздухот околу носот на возилото, а отворите за ладење напред се отвораат и затвораат автоматски.

Авант постигнува досег од 720 километри со истата батерија со големина од 100 кВч од Спортбек. Највисоката брзина на полнење изнесува 270 киловати.
Подоцна ќе бидат воведени изведби со помала батерија од 82 кВч и соодветно пониска цена, наведуваат од Ауди.
А6 Е-трон е соперник на БМВ и5 во лимузинска и комби изведба, како и на Мерцедес-Бенц Е-Ку-Е што е достапен само во лимузинска изведба.
А6 Спортбек Е-трон се разликува од своите лимузински соперници по петтата задна врата со којашто значително се зголемува практичноста на багажникот, во споредба со класичното отворање на багажникот.
Цената за основната изведба на А6 Спортбек Е-Трон Перформанс во Германија изнесува 75.600 евра, наспроти тековниот модел А6 со бензински мотор, што стартува од 55.000 евра.
Изведбата со помала батерија ќе го скуси големиот ценовен јаз.

Тековниот модел А6 со мотори со внатрешно согорување ќе биде преименуван во А7 во следната генерација, во согласност со новиот начин на којшто Ауди ги означува своите модели. За електричните модели ќе се користат парни бројки, додека за моделите со мотори со внатрешно согорување ќе се користат непарни бројки.
Изведбата со високи перформанси С6 од Ауди А6 Е-трон, со два електромотори и погон на сите тркала чини 99.500 евра како Спортбек, додека изведбата Авант се цени на 101.150 евра.
Моќноста на изведбата Перформанс со заден погон е 270 кВ (367 КС), додека изведбата С6 ја качува вредноста на 370 кВ (503 КС). Посилниот модел спринтува до темпо сто за 3,9 секунди, во споредба со 5,4 секунди на стандардниот модел.
Дизајнот на новиот А6 е еволуција на тековниот изглед на Ауди, со традиционалната маска сингл-фрејм што се шири странично за да ја нагласи ширината. За задните светла може да се избираат дигитални светлосни ефекти и пиктограми по желба.

Батеријата во подот е нагласена во дизајнот, преку црниот додаток што е поставен по целата должина на страничните прагови. Со тој додаток се компензира зголемената висина на каросеријата, поради тоа што батеријата е долу. Ауди вели дека тоа му дава на автомобилот „ниска, тенка и динамична појава отстрана“. Додатокот продолжува назад и ги содржи и задните позициски светла.
Авант има рамен покрив со силно закосен заден столб.
Во кокпитот на Ауди А6 може да се вградат до три дисплеи, вклучувајќи дисплеј од 10,9 инчи за сопатникот. Средишниот дисплеј од 14,5 инчи е заоблен со цел да се подобри прегледноста за возачот.

Со доплата се добива проекциски дисплеј со унапредена реалност.
Инфо-забавниот систем содржи и Чет ГПТ. Автомобилот ги пренасочува прашањата до платформата со вештачка интелитенција, доколку не може да одговори на општите прашања.
Работата на инфо-забавниот систем се базира врз оперативниот систем Андроид Аутомотив. Апликации базирани на облак се достапни за музика, видео, игри, навигација, паркирање и полнење.
Ауди ќе почне со нарачки за А6 Е-трон во септември.
















