Мал додаток „е“ прави голема разлика во новата моделска изведба Audi A3 Sportback 40 TFSI e. Премиум компактот комбинира системски 204 КС со сосем искористлив досег на струја за секојдневието.
Audi есенва започнува со продажба на A3 Sportback 40 TFSI e, со приклучен хибриден погон со системски 204 КС и со досег до 78 километри кога се користи само енергијата во батеријата. Цената во Германија изнесува 37.470 евра (и 92 центи), но затоа во земјата следува и субвенција од 6.750 евра. За споредба, A3 Sportback со дволитарски TDI со 150 КС чини 34.000 евра.
Баварците нудат изведби со приклучен хибриден погон во речиси сите свои модели. По A6, A7, A8, Q5 и Q7, сега компактните модели добиваат моделски варијанти со овој вид погон. Audi A3 Sportback 40 TFSI е поведува прв по стапките на претходникот A3 Sportback e-tron. Наскоро ќе следи уште една изведба со посилен погон, веројатно со 245 КС, исто колку во Golf 8 GTE.
Електромоторот е покомпактен и полесен од претходникот, батеријата при иста големина располага со поголем капацитет
Погонот го сочинуваат 1,4-литарски TFSI со 150 КС и со вртежен момент од 250 Nm меѓу 1.550 и 3.500 вртежи, заедно со електромотор со 80 kW (109 КС) и 330 Nm. Исто како кај претходникот, електромотот е вграден во куќиштето на менувачот, во случајов шестстепен S tronic (менувач со двојна спојка). Електромоторот е воедно полесен и покомпактен отколку во претходникот.
Со системски 204 КС и 350 Nm (со буст), компактниот Audi спринтува до темпо сто за 7,6 секунди, крајната брзина е 227 km/h. Според нормите што важат посебно за возила со приклучен хибрид, потрошувачката изнесува 1,5 до 1,4 литар (34 до 30 g CO2/km).
Литиум-јон батеријата е вградена во подот, под задната клупа. Таа се состои од 96 ќелии во форма на призма, со вкупен капацитет од 13 kWh – тоа се 48% повеќе од претходникот. Големината е иста, напредокот е постигнат во подрачјето на хемиските процеси во батеријата. Багажникот е скусен на 280 литри поради батеријата.
Избор од програми за возење Audi drive select се вградува стандардно во моделот со приклучен хибриден погон. Позициите се комфор, ефикасност, ауто, динамично и сопствен сетап. Кога ќе се изберат положбата S на менувачот и динамична програма, погонот ослободува екстра моќност во времетраење до 10 секунди, со педала за гас притисната до крај.
При отпуштање на гасот, електромоторот произведува сила на забавување до 0,3 g, што е доволно за да не мора да се притиска врз сопирачките, во голем број ситуации. Без надворешен полнач, со сопствената техника за полнење, A3 Sportback 40 TFSI e полни со 2,9 kW. Батеријата во тој случај за четири часови ќе се наполни за нови 78 km. При користење посебен полнач, времетраењето се скусува драстично.
>>> Тест · Volkswagen Passat GTE: Примерниот играч што стана револуционер