
Додека инженерите и финансиите на Астон Мартин се насочени кон развојот на хибриди од следната генерација и кон батериски електрични автомобили, фината британска марка и натаму се потпира на своите модели со мотори со врвни перформанси за да си ги плати сметките. Тоа подразбира и враќање на историски моќното име Ванквиш, најценетата моделска серија на Астон Мартин воопшто.
Претходната генерација на Ванквиш си замина од производствените ленти во 2018 година. Новиот Ванквиш со тој автомобил го има заедничко само името и ништо друго.
Моторот е 5,2-литарски твинтурбо Ве-12 со моќност од 835 КС. Посебност на моторот е т.н. функција на буст-резерва, односно акумулирање на притисокот што го создаваат турбополначите, за тој да се ослободи наеднаш и бурно, кога возачот ќе побара забрзување со полна моќ.
Крајната брзина изнесува 345 километри на час и тоа е најбрзо што досега има возено модел на Астон Мартин од сериско производство.

„Незамисливо е нов знаменосец на Астон Мартин да биде задвижуван од нешто друго од врвен Ве-12,“ порачува во соопштението Роберто Федели, главниот техничар на Астон Мартин. „За таа цел, нашиот тим од инженери целосно го преработе нашиот постоечки 5,2-литарски твинтурбо мотор, почнувајќи од леењето на блокот, до главата на моторот.“
Менувачот е осумстепен автоматик од најдобрата адреса што постои, од ЗФ, односно од Цанрадфабрик Фридрихсхафен. Силата оттаму се пренесува кон задната оска, каде што е вграден електронски контролиран диференцијал, што се грижи за моќта целосно да се пренесе врз асфалтот, без пролизгување.
Новиот Ванквиш е констуриран врз шасија што е за 80 милиметри подолга во споредба со моделот од пред шест години. Тежината строго е држена под контрола, благодарение на напредната технологија на лепење на алуминиумските модули од шасијата, исто како и на обемната примена на карбон, и секако, лесните тркала и сопирачки.

Ванквиш располага со панорамски стаклен покрив. Во кокпитот се вградени дигитални инструменти од 10,25 инчи, придружени со хромирани украси. Како и секогаш, станува збор за простран ГТ со две седишта.
Првите испораки ќе бидат направени пред завршетокот на годината, а продукцијата ќе биде ограничена на 1.000 примероци годишно.
Цената не е соопштена, меѓутоа може да се смета на најмалку 300.000 евра.















