Apple преговара за батерии за својот електричен iCar

Производителот на iPhone преговара со кинеските концерни Catl и BYD за испорака на батерии за автономниот автомобил што Apple долго го планира. Веста ја објави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на информации од внатрешни кругови во компанијата.

Преговорите уште се во почетна фаза. Apple поставил услов, во САД да се изградат фабриките за производство на батериите. Наспроти тоа, во Catl имаат резервирани ставови околу локалното производство, поради политичките тензии меѓу САД и Кина.

Според инсајдерите, Apple претпочита батерии од литиум-железен фосфат. Тие се поевтини за производство, затоа што се користи железо место скапите метали никел и кобалт. Сепак е нејасно за каква батериска технологија преговара Apple со Catl и BYD. Ројтерс нема добиено повратни информации за преговорите од ниту една од вклучените компании.

Гласините за автомобилот на Apple повторно се засилија во почетокот на годинава, со бранот медиумски објави. Тогаш се зборуваше првенствено за можната соработка со Hyundai и Kia. Според тогашните гласини, Apple планира да го конструира својот автомобил врз новата платформа за електрични автомобили на групацијата на Hyundai и Kia. Производството на iCar би почнало во 2024 година во фабриката на Kia во сојузната американска држава Џорџија.

Apple веќе неколку години развива технологија за автономно возење и тестира СУВ-модели на Lexus, снабдени со роботска технологија, по јавни патишта во Силиконската Долина. Во почетокот на автомобилскиот проект што ја живее својата петта година, Apple веќе им ги демонстрирал своите автомобили на добавувачите, но главното тежиште притоа било ставено на софтверот.

Шпекулациите за преговори со Hyundai-Kia и со други производители беа досега најконкретните знаци дека постои можност Apple да се појави на пазарот со сопствен автомобил.

https://www.youtube.com/watch?v=OEP2kCvn1ac

Претходна објаваКупе-лимузина се придружува на купето и кабриолетот во серијата 4 на BMW
Следна објаваKia Motors Macedonia ја започнува смелата трансформација

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here