за

Четири од пет возачи имаат доверба во системите за асистенција

системите за асистенција

Странска анкета покажува дека расте интересот за системите за асистенција, особено оние што придонесуваат за побезбедно возење. Добри шанси имаат и автопилотите. За некои услуги сепак нема толкав интерес

Четири од пет возачи сметаат дека системите за асистенција го прават возењето побезбедно и покомфорно. Тоа е заклучокот од истражувањето, коешто беше спроведено во јуни меѓу 1.000 возачи во Германија, преку телефонска и онлајн анкета.

Добро е тоа што возачите во исто време се свесни дека системите не можат да го заменат сопственото искуство зад воланот. Така сметаат дури 85% од возачите во анкетата. Приближно една третина од нив (34%) ценат дека се добри возачи, додека други 60% сметаат дека може да бидат и подобри.

Најценети се системите за асистенција коишто го прават возењето побезбедно

Најважни според возачите се оние системи за асистенција, коишто придонесуваат за безбедноста во возењето. Тоа се самостојното запирање при опасност од судир во возач или пешак, системот за следење лента и за предупредување при возило во мртов агол, како и паркинг сензори.

Наспроти тоа, мултимедиските функции што служат за пристап до музика, видеа или игри, не се ценат толку високо. Мошне е висока и стапката на возачи (65%), кои се свесни дека премногу опрема во кабината го одвлекува вниманието од возењето. Системите што се најмалку интересни за возачите се апликација за барање паркинг, алко-тест и камера за сообраќајни знаци.

Вмрежувањето меѓу возилата им се допаѓа на возачите – повторно поради безбедноста

Меѓу мултимедиската опрема исто така се најценети системите кои се однесуваат на безбедноста. На возачите им е најважен автоматски систем што ќе ги алармира спасувачките служби во случај на незгода и ќе ги информира за локацијата. Следни се онлајн-навигациски системи за безбедно избегнување застој на патот. Важност му се дава и на меѓусебното вмрежување на возилата, заради предупредување при опасност на патот или при наидување на опашот на колоната во застој.

При изборот на опремата во идниот автомобил, возачите просечно би инвестирале по 902 евра во системите што се релевантни за безбедноста. За системи што се однесуваат на комфорот, дополнителната сума би изнесувала 618 евра. Мултимедијата им вреди само 339 евра на возачите во анкетата.

Услугите како достава на пратка во паркираниот автомобил не наидуваат на интерес

Една третина од испитаниците не знаат што значи поимот „Connected Car“ или вмрежено возило. Тие имале критички став и за достава на пакети во багажникот на сопствениот автомобил. Три од четири испитаници не веруваат дека таа услуга ќе наиде на широка прифатеност.

Затоа пак, дури 36% би размислиле да купат автомобил што може самостојно да извози одредена рута. Релативно е висок (29%) и уделот на возачите што би се решиле за автомобил кој може да вози комплетно сам.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mazda 6 facelift

Mazda 6 привлекува внимание и без дизел скандали

mercedes kina salon

Mercedes ја зголемува предноста пред Audi и BMW во Кина