за

Пристигна пошта во багажникот на автомобилот

пошта во багажникот

Услугите се новиот бизнис на производителите на автомобили. Марката smart испробува како пазарот ќе реагира на можноста за достава на пошта во багажникот на автомобилот.

Логистиката е зборот што им го отвора апетитот на производителите на автомобили. Тие ги користат моќта и имиџот за да понудат нови или видоизменети услуги на пазарот. Марката со малечките автомобили на Daimler започна пилот-проект за достава на пошта во багажникот. Проектот се одвива во неколку германски градови, во соработка со локална служба за достава.

Сопственикот на возилото може да ги нарачува речиси сите производи од секоја продавница. По нарачката, тој го одредува местото и времето за достава на пратката. По успешниот старт во Штутгарт лани, услугата моментно е достапна и во Келн, Бон, Берлин и Хамбург. Досега се извршени над илјада испораки. Услугата е бесплатна, секако под услов да се поседува smart.

Целата постапка се одвива преку мобилна апликација

При нарачката преку интернет, клиентот ја наведува „адресата“ на својот smart. Кога пакетот ќе присигне во магацинот на службата за достава, тој добива известување на телефонот. Преостанува уште да се постави датумот и периодот од денот, како и локацијата на возилото.

Во следниот чекор, корисникот генерира овластување за пристап без клуч, за поштарот да ја остави пратката во возилото. Багажникот може да се отвори само еднаш и само во зоната што сопственикот ја одредил претходно. За услугата да биде достапна, возилото мора да поседува „конективити-бокс“.

По испораката, багажникот повторно се заклучува дигитално. Сопственикот на smart добива известување дека доставата е извршена успешно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

безбедност во сообраќајот полагање возачка британија

Вака изгледа новото полагање „градска“ за Британците

електрични камиони мимхен bmw

Електрични камиони носат делови до фабриките на BMW