Најголемиот авто клуб во Европа со денови ги побиваше обвинувањата дека бил наместен изборот на Golf за најпопуларен автомобил во Германија. Вистината сепак излезе на виделина.
По обвинувањата за местење на изборот за најпопуларен автомобил во Германија, шефот на службата за печат Михаел Рамштетер се повлече од сите свои функции во клубот ADAC. На годинешново доделување на наградите на ADAC беа откриени тешки манипулации. Рамштетер му открил на раководството на клубот дека објавил фалсификувани податоци за бројот на гласови за Golf, кој врз основа на тоа беше прогласен за најпопуларен автомобил во Германија. Дневниот весник „Зидојче Цајтунг“ пред неколку денови прв пишуваше за местенките во изборот на клубот.
Победниците во иднина ќе се избираат во присуство на нотар
Рамштетер ја признал грешката и верува дека со своето погрешно однесување наштетил на веродостојноста во работата на ADAC. Раководството на клубот, според пишувањата на германските медиуми, наложило интерна проверка на доделувањето на наградите и за претходните години. Во иднина, гласовите од читателите на клупскиот магазин „АДАК Моторвелт“ ќе се евидентираат во нотарско присуство.
На клубот ADAC, кој со 19 милиони членови е најголем автомобилски клуб во Европа, сега му се заканува голема криза во довербата. По првите пишувања на медиумите за можните манипулации, директорот на клубот, Карл Обермајр, на официјалното доделување на наградите во минатиот четврток зборувал за „местења и невистини“ со гостите на манифестацијата. Тој дури и се пошегувал дека барем четирите букви во името на клубот се напишани правилно. Прашање е дали и Обермајр ќе мора да ја напушти својата функција, исто како и веродостојноста на сите други избори за автомобил на годината.