Новиот Kia Rio се покажа како најсилен карактер во класата

Kia Rio, премиера македонија

Kia Rio и досега се издвојуваше со спортскиот карактер во класата кадешто сите балансираат некаде во златната средина – за да се допаднат на сите. Познавачите ќе му останат верни на Rio. Во случај на двоумење, на седумгодишната гаранција никој нема против.

Новата генерација на Kia Rio пристига на пазарот со големо наследство од претходникот. Ова е вториот најпродаван модел на Kia, со 450.000 примероци пласирани само лани на светскиот пазар. Еден од секои седум продадени модели под знакот на марката бил Rio. Тоа е моќ што не смее да се испушти.

Во петокот во салонот на Kia во Скопје доживеа премиера четвртата генерација на моделот што за конкуренти ги има големите моделски имиња како Polo или Clio. Сите вредности што придонесоа „тројката“ од Rio да го донесе најголемиот раст во продажбата од сите генерации досега, остануваат и кај новакот.

https://photos.app.goo.gl/aaX4NyXTfn7h9zWL2

Привлечниот изглед со издржана спортска нота повторно е тука, исто како и практичноста и деталите што го издвојуваат моделот од масата. Тоа што дизајнерската ѕвезда Петер Шрејер – меѓу другото креатор на првиот Audi TT – го додаде во изгледот на новиот Rio е впечатокот за припадност во повисока класа, за повисок степен на зрелост. Хаубата е „пресечена“ на една педа пред носот, за да остави достојно место за логото на Kia. Тоа инстинктивно потсеќа на британските гран-туризма. Или на Stinger.

Во споредба со претходникот, „тигарскиот нос“ е потенок и поширок, светлата имаат покарактеристичен изглед, диодните дневните светла се изведени во форма на потковица, магленките се качени погоре и поместени странично.

Тоа што денес успева ретко: Се препознава дека е од новата генерација и дека е Rio

Продолжената хауба, заедно со меѓуоскиното растојание зголемено на 2,58 метри (+10 cm), потенкиот заден столб и скусениот каросериски превис назад, постигнаа страничната силуета визуелно да се развлече. Должината на каросеријата порасна за 1,5 сантиметар, на 4,065 метри, но во висината се одземени 5 милиметри (сега 1,45 m).

https://photos.app.goo.gl/jwXRaIXif3gRc7zK2

Препознатливите контури на опашот се задржаа, единствено се забележува дека задното стакло е поисправено. Завршен дизајнерски потег е работ, кој напред почнува дискретно, се провлекува по појасот и со хируршка прецизност ја сече горната линија на задните светла. Без директна споредба е јасно дека тука станува збор за новиот Kia Riо.

Стилскиот настап на Kia Rio се заокружува со оригиналниот кокпит

Истата самоувереност се препознава и во дизајнот на кокпитот. Групата прекинувачи за ракување со климатизацијата го следи стилот на претходникот, внесувајќи повеќе ергономија. Тоа што става главен печат е надолжниот појас кој визуелно го проширува просторот. Над него доминира дисплеј на допир. Материјалите во целина создаваат впечаток на пристојна завршна изработка.

https://photos.app.goo.gl/pMiq8WbXYXsw14mg1

Новитети во опремата се пристап и стартување без клуч, грејачи во седиштата и на воланот, сензор за дожд и автоматски светла. Во повисокиот пакет следуваат и паркинг-сензори со камера за рикверц.

https://www.facebook.com/KIA.MKD/posts/1389688524456146

Од Kia тврдат дека Rio располага со најголема кабина во класата, а некаде при врвот се наоѓа и багажникот со своите 325 литри (+37 литри од претходникот). Прегледноста е подобрена со тоа што од ширината на задниот столб се одземени 87 милиметри, а исто така е сменета и позицијата на ретровизорите.

Три бензинци и еден дизел, во дијапазон од 84 до 100 КС

Четири погонски единици стојат на избор на македонскиот пазар, од кои три бензинци и еден дизел. Врвот во бензинската понуда му припаѓа на еднолитарскиот T-GDI, веќе познат од поголемиот cee’d, со турбонатполнење, директно впрскување и 100 КС. Основата е 1,25-литарскиот D-CVVT со 84 КС, по него следува атмосферскиот 1,4-литарец со 100 КС во комбинација со шестстепен мануелен менувач, за разлика од останатите моделски изведби. Дизелот од 1,4 литар на нашиот пазар ќе се нуди само во помоќната изведба со 90 КС, исто така со шестстепен мануелен менувач.

https://photos.app.goo.gl/JtXcxa7Zc28IX4532

Кај новата генерација е посветено особено внимание на безбедноста. Kia Rio е прв модел во Б-сегментот којшто располага со систем за самостојно запирање при опасност, со препознавање пешак на пат. Оваа опција доаѓа во комбинација со систем за следење лента. Подоцна годинава ќе бидат достапни и систем за следење на мртвите агли, автоматско долго светло и систем за препознавање замор кај возачот.

Значително зголемен уделот на челик со висока цврстина во каросериската структура

Половина од каросериската структура на новиот Kia Rio е изработена од челик со висока цврстина, наспроти 33-те проценти кај претходникот. Контрола на стабилност со помош при поаѓање на нагорнина, надгледување на притисокот во пневматиците и шест воздушни перници се стандард.

https://photos.app.goo.gl/CnDPhX1VnDXktu3M2

Ценовникот стартува со Kia Rio 1.25 DCVVT со 84 КС, во основното ниво на опрема Expericence, за 11.890 евра. Повисокото ниво Style, вклучувајќи помош при паркирање, дисплеј од 5 инчи, електрика на задни прозорци, диодни дневни и задни светла, магленки и ретровизори со електрично склопување чини 1.100 евра повеќе. Верзијата со 1,4-литарецот со 100 КС чини 12.590 евра, турбо-бензинецот 12.990 евра. Дизелот 1.4 CRDI со 90 КС го комплетира ценовникот со 14.490 евра. Сите цени се однесуваат за нивото Style.

Претходна објаваЕвтиниот електричен автомобил Sono Sion доживеа премиера во Минхен
Следна објаваПрвите 30 од 500.000: Стартува испораката на Tesla Model 3

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here