Во фабриката во Раштат започна производството на новиот Мерцедес-Бенц ЦЛА, којшто воведува сосем ново поглавје за моделите со ѕвезда.
Мерцедес-Бенц почна ново поглавје во производството на автомобили, со пуштањето во погон на линијата за новиот ЦЛА во фабриката во Раштат. Масивно се користи вештачка интелигенција, се зборува за дигитални близнаци, па дури и за оперативен систем – исто како што постои Андроид за Галакси и компанија или иОС за Ајфон, така и фабриката за Мерцедес-Бенц ЦЛА поседува сопствен оперативен систем, МБ-ОС.
Компонентите за новиот електричен ЦЛА пристигаат во Раштат од повеќе локации на Мерцедес-Бенц низ Геманија. Електричниот погон и оските ги испорачува фабриката во Штутгарт-Унтертиркхајм, исто како и компонентите, додека деловите за школката и каросеријата пристигаат од Купенхајм, а батериите од Каменц.
За производството на ЦЛА во Раштат е вложена трицифрена милионска вредност, односно близу половина милијарда евра. Новиот модел од компакт класата ќе се произведува и во Кина, за локалните пазари, од страна на Бејџинг Бенц Аутомотив (ББАЦ). Платформата на ЦЛА ќе се користи и за останатите каросериски изведби што се планирани во семејството на „А-Класата“ и што ќе се произведуваат во Кечкемет, Унгарија. Таму воедно ќе се произведуваат и батериите, додека електричните погонски компоненти за идните модели ќе пристигаат од Себеш, Романија.
Најдобрите електрични автомобили мора да доаѓаат од Германија – а најдобрите од Баден Виртемберг. Тоа што новиот ЦЛА ќе се произведува тука во Раштат, претставува признание за Баден Виртемберг како автомобилски центар, за фабриката и за луѓето што работат тука
Винфрид Кречман, премиер на сојузната покраина Баден Виртемберг
Хибридни и електрични изведби на ЦЛА се произведуваат на иста лента
Во фабриката во Раштат се произведуваат возила со повеќе видови погон и не е новина тоа што ЦЛА на иста лента ќе се произведува во хибридна и електрична изведба. Но, голема новина е тоа што целата производствена лента за ЦЛА беше „изградена“ прво во виртуелна форма, за да се провери како функционираат сите процеси, па дури потоа се премина на фактичкото опремување и на синхронизирање на процесите на фабриката. Мерцедес-Бенц посочува токму на тој факт, кога вели дека производството се одвива по принцип на „прво дигитално“.
На тој начин, за само неколку недели беа усогласени сите процеси, за фабриката уште од старт да произведува со полниот капацитет. Обично минуваат неколку месеци, па и година, додека се постигне совршена координација во фабриката, и за тоа време се рабти бавно и со внимателно забрзување на производството, поради што се произведуваат помалку возила. Со принципот „прво дигитално“ во Раштат, целиот тој период се скуси значително, што секако е важно и за профитабилноста.
Исто толку важна новина е МБ.ОС, нов оперативен систем на Мерцедес-Бенц, што првпат се користи за сериски модел – не само во возилото, туку и во самата фабрика. Основа е чип-то-клауд архитектура: Место да се користи комплициран хардвер, софтверот се вчитува во произведените возила директно од податочен облак, којшто комуницира со централен сервер во фабриката.
[the_ad id=”85764″]
Раштат произведува возила од 1992 година и со 6.000 вработени е најголем работодавец во регионот. Во фабриката се произведуваат А- и Б-Класа, како и СУВ-моделот ГЛА и неговата електрична верзија Е-Ку-А.

Струјата е 100% од обновливи извори
Фабриката е целосно снабдена со зелена струја, вклучувајќи голем удел од од сопствените соларни постројки, што постигнуваат до 8 мегаватпикови соларна енергија. Покрај тоа, потрошувачката на енергија е смалена за преку 15 гигаватчасови годишно, во споредба со претходниот ЦЛА.
За грижата кон животната средина според мерцедес-стандарди говори и тоа што готовите возила се пренесуваат од фабриката во Раштат до пристаништето во Зебрухе, Холандија, со електрични камиони Мерцедес, на пат долг 600 километри.

















