Киа в среда ќе одржи премиера на новиот Селтос, доаѓа и во Европа

Киа најави светска премиера на втората генерација на Селтос за 10-ти декември. Големата разлика од претходничката е тоа што новиот модел ќе се продава и во Европа.

Втората генерација на Киа Селтос покажува светла што се слични со моделот Телјурајд, познат од САД.

Неколкуте фотографии од новиот Селтос, што ги објави Киа и што делумно го прикажуваат изгледот на моделот, навестуваат дизајн што е спој меѓу стилот на електричните возила на марката и големиот СУВ што се продава одлично во САД, Телјурајд.

Предните светла следат слична шема со оние кај новата Киа Телјурајд, што доживеа премиера неодамна на салонот во Лос Анџелес. Задните светла повеќе го преземаат стилот од електричниот СУВ-седумсед ЕВ9. Рачките на вратите се впуштени, што исто така е детал од новиот Телјурајд.

Корејскиот производител при утрешната премиера, на 10-ти декември, се очекува да потврди дека новиот Селтос ќе биде понуден и на европскиот пазар. Претходникот со големината го пополнуваше просторот меѓу Соул и Спортаж, на главно на пазарите во Северна Америка, додека во Азија, Австралија и во Јужна Америка беше понуден како основен СУВ-модел во гамата на Киа.

Тоа што Селтос го претставуваше за светскиот пазар, како цврст и достапен СУВ, во Европа го претставува Стоник, како елеганген и динамичен кросовер. Сосем е извесно дека неодамна темелно редизајнираниот Стоник ќе остане во тукашната понуда, а просторот меѓу него и Спортаж, што досега ѝ припаѓаше на Киа Ексид, веројатно ќе го заземе новиот Селтос.

Киа Селтос е постојано меѓу трите најпродавани модели на корејскиот производител во светски рамки, покрај Спортаж и Соренто, кој од месец во месец се заменуваше со К3 во водечкото трио, во изминативе години.

Селтос во првата генерација е долг околу 4,4 метри во изведбата за САД, достапен и со погон на сите тркала, со дволитарски бензинец и 1,6-литарски турбобензинец со 150, односно 190 КС.

Иако тоа во моментов се сведува на шпекулации, новиот Селтос ќе премине на платформата К3, којашто е поголема и технолошки понапредна, и ја користат модели како Киа К4, Ниро или Хјундаи Кона. Можна е изведба со хибриден погон со 1,6-литарец, а веројатно и изведба со погон на сите тркала, каде што ќе биде вграден електромотор на задната оска.

Доколку останат во игра моторите од новата Киа К4, може да се очекуваат 1,0-литарец со 115 КС и мануелен менувач, негова верзија како благ хибрид со автоматски менувач, 1,6-литарец со 150 и 180 КС од Спортаж, 1,6-литарски турбо бензинец со 193 КС и дволитарски класичар со 150 КС.

Се шпекулира и околу почетокот на производството во Кореја во средината од следната година, за кусо потоа да почнат и испораките.

Претходна објаваЕвтини електрични автомобили на тестирање кај АДАК
Следна објаваЦарините на ЕУ за електрични коли од Кина предизвикаа спротивен ефект

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here