Honda го заврши производството на актуелниот Civic Type R со специјална серија Black Edition во само 100 примероци наменети за британскиот пазар. Со неколку различни детали во надворешноста и во кокпитот, примероците од „црната серија“ ќе бидат особено ценети меѓу колекционерите. Претходно уште неколку земји се збогуваа со легендата меѓу спортските компакти.
Фабриката на Honda во британскиот Свиндон го одбележа завршетокот на производството на актуелниот Civic Type R со специјална серија од сто примероци под името Black Edition – црна заради одважност, не заради тагување од заминувањето на спортската верзија. Следната генерација на Civic веќе почнува да се произведува во британската фабрика и Honda ќе ги испорача првите примероци веќе во март, за традиционалниот топ-модел Type R да се појави во салоните во втората половина од годината.
Серијата се распознава по црниот ентериер со црвени акценти, додека главни надворешни белези се црвените странични панели на задниот спојлер. Со цена од 32.300 фунти на „домашниот“ пазар, Honda очекува дека серијата ќе се распродаде во рекордно кусо време.
Под мотото „тркачки автомобил за на пат“, Honda Civic Type R во носот го има најестремниот мотор што досега бил вграден во модел под знакот на Type R. Дволитарскиот турбо со директно впрскување испорачува 310 КС при 6.500 вртежи и 400 њутнметри при 2.500 вртежи.
Претходно Honda испорача специјална серија од 150 примероци од Civic Type R и за германскиот пазар, коишто се водат како Final Edition.
















